Партиските органи ќе го кажат својот став, верувам дека тоа ќе се случи на првиот состанок што ќе го одржат, а јас нема да се занимавам со нечии шпекулации, вели за Журнал Фадил Зендели пратеник од Беса, откако завчера пратеникот Бастри Бајрами го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека во Собранието ќе дејствува како независен пратеник. Познато е дека претходно Бајрами и заменик претседателот на Беса Аријанит Хоџа се дистанцираа од одлуката на лидерот Билал Касами за соработка со Алтернатива и новото движење на Изет Меџити за окрупнување на опозицискиот фронт.
Токму во тој контекст на натамошно дејствување на пратеникот Зендели беше и нашето новинарско прашање, иако негови сопартијци и тие што добро го познаваат пратеникот, се согласуваат дека станува збор за стабилен човек, пратеник од збор, кој сигурно нема ниту да менува партиски бои, ниту пак ќе излегува од партијата Беса.