Земјоделците од општина Ново Село цела година чекаат обесштетување по ланското мајско невреме со град, кој им го уништи посевите. Најпогодени беа производителите во подбеласичките населени места Колешино Борисово и Мокриево, каде цели плантажи со бостан, пиперки и овошни насади беа уништени.
Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди при Ново Село, констатираше уништени посеви кај 138 лица, а вкупната проценета вредност изнесува околу 41 милион денари. Елаборатот, со висината на штетите, беше усвоен од Општинскиот совет и тој се наоѓа пред Влада. Оттаму информираа дека комплетна е документацијата, и се чека одлука за обесштетување согласно утврдената методологија.