4.1 C
Skopje
Friday, December 3, 2021

Зелен хуман град – само од „едната страна“ на Вардар?!

Најчитани вести

Поправете ме ако грешам, драги мои, но во кандидатската листа на Зелен Хуман Град за локалните избори за Советот на Град Скопје нема ниту еден Албанец, Турчин, Ром, Бошњак, Македонец со исламска веросиповест/ Торбеш?! За каков зелен хуман град се залагаат луѓево – само од „едната страна“ на Вардар?! Зарем овие луѓе не сметаат на гласовите на нивните сограѓани Албанци, Турци, Роми, Бошњаци…?

Како мислат да бараат гласови и поддршка во Чаир, Топанско, Шуто Оризари, Нерези и други делови на градот каде што живеат припадниците на овие заедници, ако нивната листа не ги претставува нив? Или можеби мислат дека знаат подобро од нив што им е потребно?
Зарем мислат дека зелените прашања не ги тангираат граѓаните од „другата страна“ на Вардар, која со децении беше запоставена и уништувана далеку повеќе од „оваа страна“ на Скопје?

Зарем не се свесни дека граѓаните од овие заедници и делови на градот имаат многу поголеми проблеми во контекст на зелената агенда, урбанизмот и квалитетот на животниот простор, од другиот, далеку поурбан и посреден дел на градот?

Зарем не се свесни дека со самата листа упатуваат јасна порака до овие нивни сограѓани?

Мене ми личи драги мои, дека се свесни, и тоа како. Не верувам дека ова е случајно. Дајбоже да грешам, но ваква листа личи како производ на (из)брзана акција за влетување во политичкиот „пазар“ исклучиво во македонскиот гласачки кампус, на искористување на децениското незадоволство на граѓаните од политичарите од едната, другата, па и „третата“ политичка опција – за реализирање на личен политички ќар.

Сигналите упатуваат не само на политички опортунизам, туку и на нешто друго, нешто што е несвојствено за модерните политички зелени движења, чиишто водечки принципи се и антинационализмот, почитување на различните култури, заедници и еднаквоста меѓу сите граѓани. Погледнете го само начинот, на кој поддржувачите на оваа опција ги бранат своите кандидати и листа. Личи на се, само не на зелено.

За чиј есап се создаваат вакви листи и инцијативи, ќе видиме набргу, на изборите. Но, мене ми личи дека тој есап е далеку од она што е јавен интерес на сите граѓани, без оглед на нивната политичка припадност.
Дали сум во право, ќе се види на 17 октомври, а можеби и пред тоа, оти, како велеше еден познат македонски пастир, вистината е како шило, и избива на виделина, колку и да се труди некој да ги сокрие своите тајни агенди.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com