„Знам кој на крај ќе го убие Путин, тоа ќе биде некој од неговиот најтесен круг блиски советници“, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски во документарниот филм „Година“ на украинскиот новинар Дмитро Комаров.
Володимир Зеленски предвидува дека во одреден момент ќе дојде до пукнатина во раководството на Путин, што ќе ги охрабри сојузниците на рускиот претседател да се свртат против него.
„Тогаш месојадите ќе го изедат месојадот. Ова е многу важно и ќе им треба причина да го оправдаат. Ќе се сетат на зборовите на Комаров, Зеленски… Ќе се сетат на нашите зборови. Ќе најдат причина да го убијат убиецот. Дали ќе успеат? Да. Кога? Не знам“, вели Зеленски во документарецот.
Во истиот документарен филм, украинскиот претседател ѝ покажа на јавноста каде живее и спие од почетокот на инвазијата на 24 февруари минатата година.
Телевизиските камери го снимија импровизираното сместување, кое содржи кревет за едно лице, биро, ТВ и гардероба. Тој откри и дека моментално носи исклучиво војнички чизми и јакни, но и дека чува еден костум во својот плакар.
„Тоа е симбол дека војната наскоро ќе заврши. Ние ќе победиме.“
Документарниот филм за војната во Украина беше објавен на годишнината од почетокот на руската инвазија.