17.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Зеленски вети обнова на уништените украински домови

Најчитани вести

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, вети обнова на сите домови уништени во воените дејствија во земјата. Во видеопорака објавена изутринава тој истакна дека веќе се работи на план за реконструкција. Независно од штетите Зеленски е уверен во способноста на земјата за брза обнова.

Тој рече и дека вчера не функционирале хуманитарните коридори отворени за евакуација на цивилното население. За тоа ја обвини руската страна која, како што тврди, не престанала со огнот.

Зеленски уште истакна дека жителите на опколениот град Мариупол, кои успеале да пристигнат до блискиот град Бердјанск, се префрлени во Запорожје.

Градоначалникот на Маирупол, Вадим Боиченко, преку платформата „Телеграм“ изјави дека немало прекин на огнот, но оти биле пропуштани патничките возила.

Според Зеленски, за последните 24 часа повеќе од шест илјади жители на Мариупол го напуштиле градот вклучително и две илјади деца, но некои од нив биле изложени на руски оган во областа Запорожје. Нема потврда за тоа од независни извори.

Зеленски претходно во своето ноќно видео обраќање ја нарече Русија терористичка држава, повикувајќи на уште построги санкции против Москва.

– Светот мора официјално да утврди дека Русија стана терористичка држава – рече Зеленски, повторувајќи ги неговите постојани барања за уште построги санкции против Москва, за дополнителна испорака на оружје за украинските војници и за затворање на украинскиот воздушен простор.

Во своето деветминутно обраќање, украинскиот претседател рече дека „вистинската заштита“ за неговата земја е предуслов за каков било напредок во мировните преговори со Русија.

– Моите приоритети во преговорите се целосно јасни: крај на војната, безбедносни гаранции, суверенитет, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции и вистинска заштита на нашата земја – рече Зеленски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com