Иако температурите сè уште не се многу високи, сепак сирените на брзата помош сè почесто ги слушаме низ битолските улици. Нестабилното и променливо време не им оди во пролог на граѓаните, температурните разлики најмногу ги чувствуваат хронично болните.
Претежно се работи за луѓе коишто се жалат на висок крвен притисок, коишто имаат срцева слабост, вртоглавици, главоболки. Кога пак температурите се пониски, се јавуваат пациенти со потешкотии во дишењето, хронични бронхити и бронхијална астма- велат лекарите
Од Итната медицинска помош велат, се намалува старосната граница на лица кои бараат помош, покрај повозрасните, сè почесто помош бараат и помладите. За разлика од претходните, оваа година бројот на пациенти со психички проблеми е во подем.
„Забележуваме дека во последниов период зголемен е бројот на лица коишто имаат психички проблеми, било тоа да се акутни состојби или да се потешки хронично болни психички пациенти“, вели Васе Николовска, доктор во Итната медицинска помош.
Здравствените работници препорачуваат хронично болните редовно да ја земаат терапијата, учесниците во сообраќајот да не користат алкохол и наркотични средства, градежните работници да носат заштитна опрема, да се избегнува мрсна храна и да се пијат многу течности, а граѓаните повеќе да внимаваат на менталното здравје.