27.8 C
Skopje
Monday, August 8, 2022

Зголемен апетит, кршливи нокти…: Четири знаци кои укажуваат на недоволен внес на протеини

Најчитани вести

Протеините се есенцијални макронутриенти потребни за одржување на здравјето. Тие ѝ се потребни на секоја клетка во телото за нејзино правилно функционирање.

Во западните земји е реткост луѓето да не го задоволуваат релативно нискиот препорачан дневен внес од 50 грама протеини, вели диететичарката Никола Ладлам-Рејн за „Insider“, но индивидуалните потреби варираат во зависност од нивото на активност, начинот на исхрана, возраста и фитнес целите.

Ако сте активни или се обидувате да ги намалите телесните масти, експертите препорачуваат да го зголемите внесот на протеини до 2 грама на килограм телесна тежина. На пример, за некој кој тежи 70 килограми, тоа би значело 140 грама протеини дневно.

Протеините заситуваат, имаат повисок термички ефект од мастите и јаглехидратите (што значи дека телото користи повеќе енергија за нивно варење) и помагаат во одржување и регенерирање на мускулите.

„Ако не јадете доволно протеини, можете да ја изгубите мускулната маса, да ја ослабнете кожата, косата и ноктите, да бидете погладни и тешко да закрепнувате од тренингот“, истакнува Ладлам-Рејн и наведува четири физички знаци кои укажуваат дека можеби не консумирате доволно протеини.

Губење мускулна маса
Мускулната маса природно започнува да се намалува по 40-та година од животот, па затоа е особено важно да внесувате доволно протеини како што стареете. Поради тоа потребата за протеини е повисока за постарите возрасни лица. Истражувачите препорачуваат консумирање од 1,2 до 2 грама протеини по килограм телесна тежина дневно (или повеќе), што е приближно еднакво на она што се препорачува за активни возрасни лица.

„Ако сте веган или го намалувате внесот на калории за да изгубите тежина, постои зголемен ризик од губење на мускулната маса заедно со мастите, поради што е важно да вклучите извор на протеини во секој оброк во денот“, вели Ладлам-Рејн.

Слаба кожа, коса и нокти
Ако вашата коса и нокти се слаби, а вашата кожа ја губи својата еластичност, ова може да биде знак дека не јадете доволно протеини.

„Недостатокот на протеини во исхраната може да доведе до тоа косата и ноктите да станат кршливи и поподложни на оштетување бидејќи протеините (како што е кератинот) играат важна улога во структурата и функцијата на клетките кои ги сочинуваат органите и ткивата на телото“, напоменува диететичарката.

Протеините исто така помагаат и во одржување на цврстината на кожата, покажуваат истражувањата.

Зголемен апетит
Ако често се борите со чувство на глад, можно е да не внесувате доволно протеини.

„Протеинот е хранлива материја која најмногу заситува во споредба со јаглехидратите и мастите, па ако имате недостаток на протеини во вашата исхрана, можеби ќе ви биде тешко да се чувствувате сити по оброците“, додава Ладлам-Рејн.

Лошо закрепнување по вежбање
Ако воочите дека на вашето тело му треба долго време за повторно да се чувствува добро по вежбање, тоа исто така може да биде знак дека вашиот внес на протеини е премногу низок.

„Протеинот е потребен за раст и закрепнување, па ако не внесувате доволно протеини после вежбање, особено после тренинг за сила, способноста на вашите мускули да растат и да се регенерираат пред следниот тренинг е намалена“, тврди нутриционистката.

Тоа може да се манифестира како болка во мускулите и замор. Меѓутоа, протеините не се важни само по тренингот – најдобро е да ги внесувате во редовни интервали во текот на денот, покажуваат истражувањата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com