Home » За четири години 19 жени го загубиле животот главно од раката на своите партнери – Расте бројот на фемициди во Македонија

За четири години 19 жени го загубиле животот главно од раката на своите партнери – Расте бројот на фемициди во Македонија

by Журнал.мк

Деветнаесет жени во периодот од 2018 до 2022 година го загубиле животот како жртви на фемицид, кој накратко се дефинира како родово-базирано убиство на жена. Оваа црна статистика ја евидентираше АИРЕ центарот (Советување за индивидуални права во Европа), во отсуство на официјална евиденција од државата. Законската рамка е добра, но не и примената – апелираат познавачите.

Македонското општество молчешкум го толерира насилството кон жените, сметајќи го за „нормално“ или „вообичаено“ како дел од традиционалната култура – нотираше најновиот извештај за состојбата, правната рамка и судската пракса со случаите на фемицид како најекстремен облик на родово базирано насилство.

Македонија е прва меѓу земјите од Западен Балкан која во Кривичниот законик  го има воведено фемицидот како посебно кривично дело, но и покрај добрата легислатива, проблем е примената – едногласни се експертите.

Нашата држава не го евидентира официјално бројот на случаи кои би можеле да се карактеризираат како фемицид. Сепак, извештајот на АИРЕ центарот и Академијата за судии и јавни обвинители говори дека за четири години, убиени се 19 жени во 17 случаи.

Фото: Конференција – „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан“

Добра регулатива, оскудна примена

Од 17 судски постапки испитувани во извештајот, судот во 14 од нив утврдил дека сторителите биле виновни и ги осудил на затворска казна. Во три постапки биле одредени мерки на безбедност (задолжителен третман во здравствена установа) со оглед на фактот дека сторителите не биле пресметливи во време на извршување на кривичното дело.

Сите овие кривични дела се извршени во стан, куќа или двор и во мнозинството од нив, жртвата била убиена со употреба на ладно оружје.

Актуелната законска регулатива во земјава дава добри основи за да се делува против насилството врз жените, но на институциите им претстои многу работа за да ја зајакнат имплементацијата – предупредува директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.

-Новите измени на Кривичниот законик, иако експлицитно не го користат терминот „фемицид“, успешно го опишуваат ова квалифицирано кривично дело според современото сфаќање за него. Генерално гледано, законската рамка по однос на родово-базираното насилство и семејното насилство дава добри основи за делување, но мора уште многу да се работи за да зајакне самата нејзина имплементација. Исто така, сериозно треба да се работи на формирањето на казнена политика која поадекватно и построго ќе го казнува сторителот на ова дело, додава Габер-Дамјановска.

И покрај низата законски измени за спречување и заштита од родово базирано насилство, ресорната министерка Јованка Тренчевска признава дека и центрите за социјална работа и судовите треба да имаат поголема соработка и навремено да изрекуваат мерки по пријавено насилство. Жртвите сѐ уште имаат недоверба во институциите и затоа стравуваат да го пријават насилството – смета Тренчевска.

На неодамнешната конференција која беше организирана во Скопје токму за оваа проблематика, министерката за труд и социјала сподели фрапантни податоци.

„Во 2019-та година од вкупно пет убиства при семејно насилство три случаеви се фемициди, во 2020 година од четири убиства при семејно насилство три се фемициди. Во 2021 година од пет убиства при семејно насилство три се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно седум убиства при семејно насилство шест се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со три фемициди, додека од неодамна имаше уште два случаеви“, истакна Тренчевска.

Таа потсети на кампањата „Гласна и храбра” и пренесе дел од приказните кои биле споделени за време на кампањата.

„На тој караван слушнавме за присилно затварање дома и за оневозможување една жена да заработува, слушнавме за жени сезонски работнички кои по напорен ден им се одземени парите со закани од страна на сопругот алкохоличар, слушнавме за акутно насилство на кое сведоци се децата и за гладни непроспиени ноќи и изнемоштени раце кои не можат да се грижат за семејството”, изјави Тренчевска.

Со регионална соработка до подобра реакција

Искуството покажува дека насилството врз жените е сѐ поприсутно и Македонија не е изолиран случај, туку оваа појава е широко распространета не само во регионот на Западен Балкан, туку и во светот. Оттука стигна и пораката од Мрежата на судии/судијки (СПЈРР) посветени на јакнење на родовата рамноправност дека е потребно да се усогласат националните законодавства.

-Видовме дека за овие специфични случаи потребни се регионални насоки во соработка со сите судии и обвинители од регионот. Важно е да најдеме начин тоа да го „броиме“, да имаме одвоени статистички податоци за овие дела и да можеме да ги следиме. Во прашање е еден феномен кој значително се разликува од убиството. Не е исто кога имате убиство кое произлегло од „кафеанска тепачка“ и она кое се случува внатре во домот каде би требало да имаме љубов, а всушност таму се случува фемицид – објасни Косана Бекер, програмска директорка на FemPlatz [ФемПлац] и членка на Регионалниот одбор на Мрежата СПЈРР.

Македонија е прва земја од регионот која фемицидот го третира како кривично дело, но новиот извештај укажува на потребата од дополнување на Кривичниот законик, со цел да се конкретизира дефиницијата. Од март оваа година, фемицидот е квалифициран како потежок облик на убиство, имајќи на ум дека пропишаната казна е најмалку 10 години затвор, а може да се изрече и казна доживотен затвор. Укажувањето за дополнување на Кривичниот законик е една од препораките кои се сумирани во извештајот кој меѓу другото, ја актуелизира и потребата од донесување на новиот Закон за родова еднаквост.

Авторите препорачуваат надлежните правосудни органи да имаат посебни протоколи за постапување при случаите на фемицид. При тоа, се препорачува судската постапка во сите фази да биде брза и ефикасна, а во меѓувреме судиите и обвинителите да се обучуваат со посебни модули за фемицидот.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk