Предолго чекавме на нашата шанса да станеме дел од ЕУ за да можеме така лесно да ја испуштиме можноста за подобар и поквалитетен живот за сите нас – констатира премиерот Ковачевски. Свесен сум за предизвиците кои ни претстојат, но се надевам и на совесност и кај другите носители на процесите бидејќи нашата држава заслужува подобро утре. Граѓаните од нас очекуваат да продолжиме храбро напред, сите заедно и сите како едно да ги оствариме нашите децениски заложби како граѓани на европска Република Северна Македонија – рече Ковачевски.
И додека првиот заменик на претседателот на владата Артан Груби рече дека доколку не постоел Охридскиот и Преспанскиот договор, а потоа и добрососедскиот сега ќе немаше ниту разговори за влез во Европската унија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ прашува што се договорил премиерот Ковачевски со Софија по уставните измени за кои тие нема да гласаат.
За три денови треба да почне дебатата за потребата од отворање на Уставот за Бугарите, но и други делови од народите да се впишат во највисокиот правен акт. Според амандманите, се менува Преамбулата, членот за дијаспората, како и за собранискиот Комитет на заедниците.