5.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

За некого спринт, за Македонија маратон

Најчитани вести

Македонија 30 години остана заглавена во евроатлантските интеграции само поради ирационален билатерален спор, најпрво со Грција, а сега и со Бугарија, а сето тоа со амин на Европската Унија и НАТО, организации што кога се работи за некои западноевропски земји применуваат поинакви критериуми за зачленување.
Имено, по руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари, Шведска и Финска го променија својот повеќедецениски неутрален статус и побараа членство во НАТО, но на тоа се спротивстави Турција, која најави вето доколку не биде решен проблемот со терористичката Курдска работничка партија, која има разграноци токму во овие скандинавски земји, на што официјална Анкара и претходно предупредуваше и го сметаше за терористичка закана.
Откако стана јасно дека се работи за билатерален проблем меѓу актуелна членка на Алијансата, односно Турција, и две земји што имаат намера да аплицираат за членство, експресно се активира целокупната машинерија во Брисел и низ Европа, со единствена цел да ѝ се порача на Турција дека билатералните прашања може да се решаваат и подоцна, без да се загрозува членството.

– Убеден сум дека ќе можеме да се справиме со стравувањата изразени од Турција на начин што нема да го одложи членството – порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На иста линија беше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој изрази убеденост дека ќе се најде консензус за ова прашање. Слични пораки стигнаа и од повеќето европски политичари, кои јасно истакнаа дека билатералните прашања не смеат да го одложуваат процесот на зачленување на Финска и на Шведска во НАТО.
Но ваквите критериуми и реторика на ЕУ не беа применети кога беше во прашање Македонија. Иако и во однос на Македонија стануваше збор за билатерален и сосема ирационален спор, наметнат прво од Грција, а сега и од Бугарија, Европа премолчуваше и ја притискаше Македонија да попушти доколку сака да стане дел од НАТО, а сега и од ЕУ.
Несомнено, двете скандинавски земји се суверени развиени демократии, кои имаат право да одлучуваат по кој пат ќе чекорат, па затоа сега логично би било НАТО, ЕУ и САД, ако држат до сопствените принципи, да ги упатат Шведска и Финска најпрво да ги решат отворените билатерални прашања со Турција, па потоа да го почнат процесот на зачленување во НАТО.
Впрочем, на тие принципи во случајот со Македонија упорно инсистираа цели 30 години, дури и кога на врапчињата на гранка им беше јасно дека станува збор за целосно ирационални билатерални спорови, околу именувањето на државата, неговиот народ, неговиот јазик и неговата историја.
Па, не толку одамна истиот генерален секретар на НАТО во Скопје порачуваше дека „нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот за името“, а тоа го повтори и ЕУ, дека нема да увезува билатерални спорови.
Очигледно решавањето на билатералните спорови важи само кога Македонија треба да се зачленува во некоја организација, додека кога станува збор за некои други европски држави, тогаш важат некои други критериуми и принципи.
Дипломатот Драган Јањатов се согласува дека западниот свет има двојни критериуми кога станува збор за Македонија.

– ЕУ и западниот свет малку со дискриминација се однесуваат кон Македонија. Сега Финска и Шведска можат да ги примат експресно, ќе ѝ излезат во пресрет и на Турција колку да ја замолчат, а ние со децении минувавме трнлив пат и натаму сме заглавени поради билатерален спор. Проблемот е во Брисел и нивниот однос кон нас – вели Јањатов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека билатералните прашања за нас ќе останат и во иднина и странците ќе инсистираат на нивно решавање бидејќи не сме ги завршиле домашните задачи.
– Шведска и Финска се членки на ЕУ и се високоразвиени држави. Имаме држави од прв ред и од втор ред, а Македонија е држава од трет ред. Секогаш кога си силен како држава, дури и да си мала држава, апсолутно ти расте моќта. Дури и една Бугарија, која беше висококорумпирана и сиромашна држава, стигна со помош на европските фондови да биде посериозна држава. Ние не сме тоа и затоа го трпиме сето ова 30 години – појаснува Пекевски.
Коментирајќи го различниот пристап на НАТО околу принципите за невнесување на билатералните спорови, тој нагласува дека во случајот со Шведска и Финска ситуацијата е многу различна од нашата.
– Тие се членки на ЕУ, имаат долга историја на демократија, сериозно придонесуваат во европските буџети, имаат повисока свест и тука завршува целата приказна. Не се корумпирани, ние сме корумпирани, двете земји се високоразвиени, ние не сме развиени, ние имаме внатрешни проблеми, тие немаат внатрешни проблеми, како и да ја свртиш работата, ние им даваме илјада причини да ни речат стоп и да продолжат да нè држат надвор од нивното друштво и да бараат да решаваме билатерални спорови, колку и да се тие спорови ирационални – истакнува Пекевски.
Според него, да беше Македонија сериозна држава, во која немаше да има корупција, која ќе беше развиена и која немаше да има внатрешни проблеми, тогаш немаше да биде обременета со билатерални проблеми во процесот на интеграција, и во НАТО, а сега и во ЕУ.

– Кај нив не може да им пропадне СЈО и никој да не одговара за тоа. Кај нив нема премиери што се избегани, кои се аболицирани, нема политичари со обвиненија… Треба да тргнеме од нас, колку сме силни како општество, со свој став и слично. Ние ако имаме сериозна позиција, во која нема да имаме внатрешни проблеми, нема да има корупција, сите поинаку ќе нè гледаат. Вака нè гледаат како непосакувано дете, па наоѓаат начини како да нè држат понастрана – заклучува Пекевски, правејќи споредба зошто Брисел се мобилизира за брз прием на Шведска и на Финска во НАТО дури и со нерешени билатерални прашања, а Македонија ја блокира токму поради билатерален проблем со два свои соседа.

Забрзана процедура за зачленување на Шведска и на Финска во НАТО


Одлуката на Шведска и на Финска да се приклучат во НАТО ќе биде една од најголемите промени во безбедносната архитектура на Европа во последните децении, а клучно овие две земји да се решат на ваков чекор е големата промена во јавното мислење во нордискиот регион откако Русија во февруари ја нападна Украина.
Она што сега следува како процедура е двете земји да поднесат официјална апликација за членство.
По согласноста на сите членки на НАТО, доколку се надминат приговорите на Турција, одобрението може да биде издадено во рок од неколку недели, иако ратификацијата во националните парламенти може да потрае и до една година.
Русија на можноста двете земји да влезат во НАТО одговори со закана со одмазда, вклучувајќи и неодредени „воено-технички мерки“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com