Home » За македонските Бугари и бугарските Македонци!

За македонските Бугари и бугарските Македонци!

by Журнал.мк

Од: Благојче Атанасоски

Нашата држава се има откажано од македонските малцинства во соседните држави со уставните измени од 1995 година и, второ, Бугарија по Устав е граѓанска држава, каде што на етничките малцинства не им се признава правото на колективни права, па затоа и не постојат формалноправно етнички политички партии. За разлика од кај нас.

Се префрливме на една дебата, двете општества, македонското и бугарското, во која, како и за сè друго, нормално дека не може да се најдеме на средина. Македонија со Уставот од 1995 година не е дефинирана како граѓанска држава, напротив, етницитетите што живеат на нејзината државноправна територијална заедница се наброени во Преамбулата, за што понатаму врз база на Охридскиот рамковен договор (ОРД) црпат и свои колективни права преку етницитетската (етничката) припадност. Што е лошо, според мене лично (и според Петар Богојески), бидејќи, тој процес практично нè однесе во „либанизација“ на Македонија, т.е. во изградба на паралелни општества наместо во едно заедничко, унитарно (како што е по Уставот) или „едно општество за сите“, како што беше предизборната мантра, слоган и визија на владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија од „Шарената револуција“ наваму.

Унапредувањето на етничките колективни права по паритетен клуч, постојано, доведе до дисфункционалност на системот, особено во сферата на вработувањето во јавната и во државната администрација каде што се соочувавме со, во најмала рака, бизарни ситуации: очигледни етнички Македонци се пишуваат како Албанци конкурирајќи за работно место каде што се бара Албанец и обратно. За помалите етнички заедници и не станува збор. Најчесто тие беа (зло)употребувани во овие комбинаторики во кои македонските „генијалци“ најдоа начин да го изиграат системот, т.е. фелерот во системот, кој со ОРД го наметнаа како принцип.

Станува збор за два различни уставни системи!
Барањето на македонските Бугари за нивно конститутивно вметнување во македонскиот Устав доаѓа од таа практична примена со која би им се овозможувало и ним ползување етнички колективни права што другите помали етнички заедници еве веќе две децении ги користат, а некогаш, како што нагласив, и тенденциозно и малициозно ги злоупотребуваат. Ниту македонските Бугари ќе претставуваат некоја државотворна закана или пак ќе се измести политичкиот систем кај нас, напротив, со нивното вметнување ние ќе се дистанцираме како посебно изразен национален идентитет, т.е. ќе паднат во вода смешните и патетични бугарски тврдења „Македонците се Бугари“.

Од друга страна, ниту ќе излезат 120.000 етнички македонски Бугари, кои како баба-рога страшило ќе бидат закана за „(ре)бугаризација“ на Македонија. Тоа се УДБА-шки стравови и плашила, кои секојпат длабоката држава кај нас им ги сервирала на наивните, нееманципираните и неинформираните македонски граѓани, особено на етничките Македонци. Напротив, на спроведениот попис во септември тие ќе испаднат неколку илјади, дали и толку. Веднаш душегрижниците ќе се кренат и ќе кажат: штом треба да има внесување на македонските Бугари во нашиот Устав тогаш мора да бараме реципроцитет и Македонците во Бугарија да бидат уставно малцинство и тие да бидат признаени од бугарските институции. Да, ама не!

Прво, нашата држава се има откажано од македонските малцинства во соседните држави со уставните измени од 1995 година и, второ, сакале ние или не, меѓународно правно издржано или не, принципиелно или не, Бугарија по Устав е граѓанска држава, каде што на етничките малцинства не им се признава правото на колективни етнички права, па затоа и не постојат формалноправно етнички политички партии. За разлика од кај нас, каде што секоја политичка партија на етничките заедници во Македонија е исклучиво формирана и делува на етничкиот принцип, т.е. тоа е подлогата и основата заради која е основана и поради која суштествува.

Дали на Бугарија „ѝ се може“, жаргонски да се изразиме, или, пак, своевремено бугарската политичка елита собрала храброст и решила поради свои историски и национални причини да го направи граѓанскиот принцип на уставното уредување (токму поради горенаведените причини, од страв од „либанизација“), т.е. целосно етничко подвојување на бугарското општество, не знам. Можеби и не е важно во овој момент. За разлика од нив, ние пак сме се решиле за Устав во кој ќе им се гарантираат сите етнички, јазични, национални и религиски права на сите малку поголеми етнички заедници во Македонија, токму поради нашите причини: може сме завршиле во некаква општествено-национална подвоеност, но пак сме го задржале унитарниот карактер на земјата.

Друго прашање е дали Македонија би имала внатрешна сила и институционален капацитет да биде граѓанска држава по Устав, а тоа да не предизвика огромен политички потрес, кој потоа би прераснал во воен конфликт (како тој од 2001 година), и доколку не сме се уределе вака како што се уредивме, ние да завршевме како Босна и Херцеговина. Едно е јасно: секоја земја, согласно своите внатрешни (не)прилики, поддршката од меѓународната заедница, нејзината поставеност кон вас како кон каков фактор сте (дали важен или сосема небитен), си ги уредува внатрешните односи со своите граѓани, особено во полето на уредувањето на етничките права. И јужниот сосед Грција е еднонационална држава по Устав. Таква е и Франција: нација-држава. Најмоќната во светот е нешто слично: сите се Американци во тој разновиден ко(к)тел од нации, раси и религии.

Да се гледаме себеси!
Секогаш треба да си го гледаме нашиот двор. Туѓите авлии да не нè интересираат. Бидејќи ние ѓубрето внатре не сме си го исчистиле или во превод, имаме толку несредени работи внатре, не пак да гледаме како е кај соседите. Да, морално, Македонците во Пиринска Македонија и воопшто во Бугарија имаат природно право да бидат признаени како такви, во согласност со меѓународните норми за човекови права, но ниту Македонија е таа која може, ниту, пак, гледам со кој механизам ќе успее да ја натера Бугарија тоа да го стори. Напротив, во битката на македонското малцинство со бугарската држава тие бугарски граѓани преку Европскиот суд за човекови права во Стразбур треба да си ги добијат своите права. Како што впрочем ги добија шеснаесетте пресуди во нивна корист, кои Бугарија и до ден-денеска не ги почитува, но за што ѝ се заканува исклучување од Советот на Европа. Нивната борба ќе биде долга, мачна и тешка. Како што, впрочем, е секогаш со македонската борба низ историјата. Но, во овој момент, Македонија не е таа која може да помогне. Напротив, нашето замешателство во таа проблематика може да ги донаелектризира работите, да ги искомплицира односите и губитници да бидеме на крајот сите: и тие како македонско малцинство и ние како држава (ветото да продолжи) и Бугарија да продолжи да биде главниот проблем на Балканот кој ја спречува евроинтеграцијата на Македонија и Албанија, а со тоа (не)свесно да одработува за американскиот архинепријател на овој дел од Европа, а тоа е Путин и моќната Русија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More