7.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

За локалните избори

Најчитани вести

Мирјана Најчевска

Потребни се луѓе кои ја знаат општината, кои ги живеат и споделуваат проблемите со кои се судираат граѓаните во нивното секојдневно живеење и кои се спремни да жртвуваат четири години од сопствениот комодитет, за да се посветат на обезбедувањето што е можно поголем комодитет за граѓаните.

На актуелниот степен од развојот, демократијата не може да се замисли без постоење политичките партии.

Една од причините за напуштањето на системот на социјализмот кој се воспостави во значаен број држави во 20 век беше токму едноумието претставено во постоењето на една партија, отсуството на различни опции и отсуството на борба за власт која би требало да обезбеди и своевидна контрола на оние кои ќе ја освојат. Меѓутоа, демократијата не смее да биде сведена на борбата за власт помеѓу политичките партии. Тие се само една од нејзините алатки, и никако не смеат да го освојат целокупниот политички простор.

Ова посебно се однесува на локалната власт и остварувањето на интересите и потребите на граѓаните на локално ниво. На ова ниво од остварувањето на власта политичките партии мора да играат второстепена улога. Многу поважен, посуштински фактор треба да биде оној човечкиот, индивидуалниот. На локално ниво не се трасира развојот на државата, не се нормираат однесувањата и не се градат генералните политики.

На локално ниво се обезбедува функционирањето на заедниците, се создаваат услови за удобен живот, се заштитуваат луѓето и нивните имоти на елементарно ниво. На локално ниво се олеснуваат односите меѓу луѓето, се задоволуваат нивните секојдневни потреби и се разрешуваат секојдневните конфликти.

За да се остварат овие функции не е потребно на чело на локалната власт да дојде партиски функционер, лојален член на политичката партија, човек зад кој ќе стои партијата која во моментот ја држи власта на централно ниво.

За да се остварат овие функции потребни се луѓе кои ја знаат општината, кои ги живеат и споделуваат проблемите со кои се судираат граѓаните во нивното секојдневно живеење и кои се спремни да жртвуваат четири години од сопствениот комодитет, за да се посветат на обезбедувањето што е можно поголем комодитет за граѓаните.

Тоа можат да бидат само луѓе веќе препознаени во заедницата, луѓе со кредибилитет и авторитет. Луѓе кои ги прифаќа мнозинството граѓани и во кои има доверба мнозинството граѓани. Не заради нивната партиска припадност, туку заради нивните индивидуални карактеристики и квалитети.

И најважно од сѐ е да се изберат луѓе кои во ниту еден момент нема да кажат дека им се врзани рацете, дека тоа не е нивна работа или, пак, кои нема да можат да се спротивстават на партијата од која евентуално добиле поддршка во случај кога тоа го бара интересот на населението кое живее на територијата на нивната општина.

На локалните избори не се гласа за партии, туку за луѓе. Не е важно кој е претседател, премиер, министер… Не е важна партиската припадност или неприпадност на тој кој се бира. Важна е способноста на избраните да ги слушнат граѓаните, да ги разберат нивните потреби и да изнајдат најдобри можни начини за нивно задоволување. Кога ќе се разбере тоа, локалната власт ќе го добие своето место во структурирањето на власта во државата и ќе стане власт за граѓаните, а не за партиите.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com