17.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

За грам власт – тон нечесности

Најчитани вести

Пишува: Панде Колемишески

Во самата појава политиката имала статус на највозвишена наука. Од времето на античките филозофи позната е мудроста, која остана само теорија, дека „власта треба да им се даде на оние што не ја сакаат зашто оние што ја сакаат најчесто ја упропастуваат“. Уште од Вавилон преку Рим била и возвишено занимање и од водечките политичари барала највисоки знаења, чесност, морал и држење до изречениот збор. Била идеалистички замислена како слуга на доброто, на воспитувањето и јакнење на карактерот на луѓето.
Во својата теориска основа повеќе била педагогија, помалку практика, со цел човекот да биде добар и праведен, да ѝ служи на правдата и да биде од општа полза на заедницата во која живее. Во кратките објаснувања во енциклопедиите стои дека зборот политика потекнува од грчкиот збор „полис“ што означува управување со град (држава), односно политика е државничко умеење и вештина на владеење. Неа ја водат организирани групи и поединци, кои настојуваат луѓето да ги придобијат за некоја идеја или програма што ветува остварување на повеќе цели.
Според некои теоретичари на политичката историја, наводно сѐ се изменило во почетокот на 16 век кога Николо Макијавели (1469-1527) во својата книга „Владетелот“ ги објавил новите „препораки“ до владетелите за тоа како треба да се владее. Тој ја разби античката предрасуда дека политиката мора да биде поврзана со моралот, со што ја порекна целокупната традиција на дотогашната политичка филозофија. Кажа дека дадениот чесен дипломатски или политички збор не вреди речиси ништо, дека договори и сојузи не вредат ништо ако не се газат и не се кршат. Низ низа примери покажа дека луѓето обдарени да се служат со лукавства секогаш остануваат во играта полна со измами, чистки и ликвидации. Пропагирајќи ги тие премиси, Макијавели на оние што се на власт им порачува да бидат лакоми и лукави, да мислат само на доживотно поседување на власта и на апсолутна контрола на (над) сите процеси. Да се борат додека можат, до последниот здив.

Како што е познато, Макијавели државата ја гледал како дело и своина на владетелот и препорачувал да се употребат сите средства, материјални и аморални, за да се стигне до посакуваната цел. Нему му се припишува надалеку прочуената максима „Целта ги оправдува средствата“, иако до денес се водат дискусии дали е точен и соодветно цитиран тој сегмент, дали е погрешно протолкуван неговиот став или се погрешни интерпретациите околу него. Италијанскиот филозоф на владетелите им ги објаснува природата и карактерот на обичниот човек и како со него треба да се владее. Макијавели вели: „Човекот по природа, со своите страсти и склоности, секогаш е ист, секогаш завидлив, во суштина бескомпромисен егоист, секогаш опседнат со личните интереси и со мисла за сопствена корист. Луѓето секогаш ќе бидат лоши сѐ додека некој не ги присили да бидат добри“.
Општо гледано власта се заснова на моќ. А моќта може да се оствари со (преку) богатство, углед, способност за убедување и обединување, како и поддршка од верски или политички фанатици и слепи следбеници. Власта носи углед, почит, богатство, привилегии, признанија и други материјални вредности и погодности, што само по себе ги привлекува оние што имаат амбиции преку политика да постигнат нешто во животот, а не можат на друг начин или се неспособности да работат нешто друго. Не е непозната поговорката „Еден грам власт е повреден од тон памет“. Не еднаш сме прочитале дека власта е стоглава хидра што магнетно привлекува, зашеметува, опијанува, омамува и замелушува слично како што сирените во приказните ги омајувале морнарите.
Има стотици примери, не само во заостанати и недемократски земји, кои кажуваат дека за да се освои или да се зачува власта се користи сѐ можно и неможно, легално и илегално, познато и непознато, реално и иреално. Во таа битка за власт нема разлика меѓу дозволено и недозволено, морално и неморално. Во игра се сите заткулисни работи, ниски и приземни удари, употреба на цел арсенал на валкано оружје и нечесни работи. Кога виси власта, се ветуваат „кули и градови“, се сее густа магла, се мати водата да не се гледаат нечистотиите. Во такви услови и оние чесни луѓе не можат да дојдат до израз, се втопуваат во мочуриштето, разочарани и немоќни што било да сторат. За разлика од нив, оние што се најбезобразни и најдрски секогаш остануваат на површина, успешно пливаат со секоја власт.

Политиката сета своја опачина ја покажува за време на политичка, воена, економска, здравствена или друга криза на државата. Во занесот што стигнува до екстаза, опиените од сопствената слава владетели и самоповикани спасители, по стивнување на бурата, ги забораваат ветувањата што ги дале, а не ги исполниле, се губи реалноста и почнува период кога логиката е избркана од умот. Настапува време на глупости, кои носат ореол на паметни постапки. Во такви услови, политичарите шират страв меѓу граѓаните, најавуваат опасност од странски војски и разузнавачки служби, измислуваат сценарија за масовно лажење на народот, се прават нови манипулации за да се задржи старата или да се стекне нова доверба.
И светското јавно мислење смета дека ова е време во кое владеат неспособните, оние што немаат ни срам ни образ. Во секојдневието доаѓаат до израз полтронството, камелеонството, итрината, подлоста, лицемерството, лажните обвинувања и напади, подметнувањата, поткупувањата, фабрикувањето лажни вести и продавање празни демагогии. Се измислуваат или коват завери, се развива подаништво, лесно и неодговорно се даваат квалификации, се лепат етикети, некритички се следат или им се слушаат телефони на поединци и групи. Политичките противници се прогласуваат за кукавици и предавници, за заостанати и регресивни, се измислуваат афери и скандали.

На површина излегуваат најниските пориви и валканици, се појавуваат (дез)информации за разни деформации, криминали, злоупотреби, манипулации и разни други појави. Сите тие негативни трендови крајно неповолно влијаат на авторитетот на земјата во очите на меѓународната заедница, но, што е полошо, и на економскиот и политичкиот развој во самата земја, како и на животниот стандард на граѓаните. Нема криза што не носи негативни последици по иднината.
Не е потребно да се докажува дека сите овие појави се присутни речиси кај сите народи, но општо е мислењето дека балканските земји се при врвот на ранг-листите за оваа категорија од земјите во Европа. А Македонија е типична балканска земја, во Европа според географската мапа, но далеку од неа по политички принципи и одговорности.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com