Во интерес на Бугарија е РС Македонија да се реформира. Единствената рамка за спроведување на овие реформи е Европската Унија. Не почувствував двоумење во ставот на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за РСМ, но се чини дека има мала неусогласеност за прашањето меѓу МНР и Советот на министри. Имплементацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, кој ги обезбедува основните човекови права, мора да стане дел од Преговарачката рамка, вели поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за бугарската агенција Бгнес.
Добро е да се видат резултатите, а потоа да се биде оптимист. Вклучувањето на гаранциите што Бугарија ги сака во преговарачката рамка е многу важен резултат. Фокусот на Скопје не беше да ги започне преговорите за ЕУ, туку да не ги вклучи барањата на Бугарија во Преговарачката рамка, вели Захариева.
Захариева вели дека и упатила прашање на министерката Генчовска за преговарачката рамка, бидејќи повеќе од месец и половина за тоа ништо не е спомнато ниту од страна на МНР, ниту од Министерскиот совет.
„Со РСМ имаме нерешени билатерални прашања и според гледиштето на Скопје, овие прашања се билатерални и немаат место во Преговарачката рамка. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право. Имплементацијата на Договорот, кој ги содржи основните човекови права, исто така мора да стане дел од рамката за преговори. Мојот апел до министерката Генчовска е: не заборавајте на преговарачката рамка!“, порачува поранешната шефица на бугарската дипломатија.
Според неа, прашање на време било кога ќе излезе во јавноста конфликтот меѓу претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков. Таа смета дека причината за тензијата меѓу двајцата не е РСМ.
Тоа е прилично испровоцирано од судирот меѓу двете енергетски лобија – претседателот Румен Радев и владата или вицепремиерот Асен Василев. За жал, тоа не беше диктирано од РСМ како принципиелна позиција, туку од тоа кој ќе биде извршен директор на Булгаргаз“, додаде Захариева.
Отворањето на авиолинија меѓу Скопје и Софија а и белешката испратена за краткото и долгото име на РСМ, со која Македонија се откажува од територијални претензии, тешко може да се смета за сериозен напредок, смета Захариева.
„Упатената белешка не е лош чекор, не ја потценувам. Многупати е изјавувано дека тоа ќе се случи, а тоа го кажа и премиерот Зоран Заев многупати, а исто така и министерот за надворешни работи. Добро е што се случи, но повторно потенцирам, додека не се договори се, ништо не е договорено“, предупреди Захариева.
Бугарскиот државен врв силно му замери на македонскиот претседател Стево Пендаровски што во својот кабинет ги прими претставниците на повеќе партии и организации на Македонците во Бугарија. Претседателката на БСП и коалициски партнер во бугарската влада Корнелија Нинова го бојкотираше првиот состанок на работната група за инфраструктура, а лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, која исто така е коалициски партнер во Владата, рече дека одбивањето на Нинова да оди во Скопје било оправдано и дека се надева дека тоа е владин став.
Претходно бугарскиот претседател Румен Радев рече дека постапките и однесувањето на претседателот на РС Македонија не придонесуваат за напредок на толку посакуваниот пат на Северна Македонија кон ЕУ, а премиерот Кирил Петков за Пендаровски искоментира дека „доброто е што надворешната политика на Бугарија и на Северна Македонија зависи од премиерот и од Советот на министри на двете влади“.
Бугарските медиуми денеска го пренесуваат и ставот на македонскиот копретседател на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, кој во интервју за Телма посочи дека нема ништо против да се замрзне работата на комисијата додека не се релаксира политичката атмосфера во двете држави.
Доколку во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, јас би бил согласен работата на комисијата да се замрзне, година, две, бидејќи повторно е чувството дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата наши во јавноста. Ако навистина се сака да се постигне некаков напредок меѓу Македонија и Бугарија на сите други нивоа, тоа и не би била толку страшна одлука, бидејќи ние 70 години сме во историографски конфликт со Бугарија. Година или две замрзнување на работата на оваа комисија не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе да тргнат другите работи напред, рече Ѓоргиев.