Месната индустрија бара ослободување од царинските давачки. На годишно ниво се соочуваат со пад на производството од 30 насто. Доколку државата не го измени Законот, ќе бидат принудени да го иселат бизнисот во соседството или да ги затворат капацитетите. Велат, готовите производи однадвор во земјава не се царинат, додека за домашните при увоз на суровината плаќаат царина во висина од 20 до 35 насто. Според месопреработувачите, оваа гранка е во нерамномерна положба со производители од странство.
Овој сектор бара еднакви услови и при контролата на месото и усогласување на правилникот за адитиви. Забележуваат контролирање и санкционирање само на домашните производи. Наспроти ова, иако увозните ги надминуваат дозволените параметри, за нив нема санкции.
„Воопшто не ни пречи контролата, ние ја поттикнуваме и поддржуваме, но таа треба да биде еднаква за сите. Во конкретниот случај бидејќи домашните компании се секогаш први на удар, без воопшто да се исконтролираат увозните, неоправдано се добива впечаток кај потрошувачите дека домашните производи и производители се понеквалитетни од увозните“, изјави Гоце Трајчев од Групација за преработка на месо и производи од месо.
Не се откажуваат од планот бизнисот да го продолжат во државава, да ги зголемат платите и бројот на вработените, но за тоа велат е неопходно изедначување на условите за стопанисување поради рамноправност со конкуренцијата.