Не сум направил никакво убиство досега во мојот живот ниту имам план да сторам такво нешто, пишува во пораката објавена на профилот на социјалните мрежи од каде што беше упатена една од заканите
Извинување до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неговото семејство и партијата осамна на профилот на социјалните мрежи со име Роберт Типчето откако претходно беа упатени закани за опозицискиот лидер.
Заканувачот пишува дека тоа било момент на недоволна промисленост и нема намера никого да убие.
„Не сум направил никакво убиство досега во мојот живот ниту имам план да сторам таков ригорозен чин. Момент на недоволна промисленост. Воедно, секој греши како човек, ве уверувам нема од тоа ништо. Како и секој млад, и јас во моментот не се наоѓам во Република Македонија, работам надвор од државата. Уште еднаш јавно до целата нација на Република Македонија и самиот претседател Христијан Мицкоски и до неговата фамилија лично му се извинувам за немилиот настан и ја прифаќам грешката“,
пишува во дел од пораката на профилот.

За заканите упатени кон Мицкоски вчера објавија дел од порталите, а за тоа зборуваа и претставници на партијата одговарајќи на прашања на прес-конференции.
Заканата која беше објавена од овој профил гласеше: „Една порака до Христијан Мицкоски, ако му е мила фамилијата и децата нека седи мирен во спротивно неговите деца ќе завршат во некој ендек како кучиња мувите ќе ги плукаат“.
Исто така, порака имаше и од профил со име Роберт Тркалај каде што беше напишано: „Јавно ти испраќам порака Христијан Мицкоски, ако ти е мила фамилијата седи си мирен, во спротивно ќе ги најдеш децата твои фрлени во некој канал како кучиња“.
Според обвинувањата од опозицијата, станува збор за лицето Роберт Тодороски, за кое ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека е поддржувач на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, како и дека добило благодарница од претседателот Стево Пендаровски. Од кабинетот на претседателот, пак, демантираа дека такво нешто воопшто се случило.