11 C
Skopje
Friday, March 5, 2021

Заедничко справување со илегалната миграција, организираниот криминал и тероризмот

Најчитани вести

Во изминатиот период решивме големи предизвици, чие решавање на сите им се чинеше невозможно. Успеавме, затоа што сите имавме силна мотивација – европската перспектива за нашата држава и за нашите граѓани. И покрај сите препреки со кои се соочуваме на нашиот пат кон ЕУ, сепак, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите, градењето на добрососедските односи и регионалната соработка, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан.

На Форумот што се одржува во Собранието и е под покровителство на Финското претседателство со Советот на ЕУ, присуствуваат и еврокомесарите за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос и за правда, Вера Јоурова, потоа министрите за внатрешни работи и за правда на Финска, Марија Охисало и Ана Маја Хенриксон, како и претставници на Европската комисија, на Европскиот совет, на Јуроџаст, Европол, Венецијанската комисија и други. Од земјите од регионот учествуваат делегации од Србија, Албанија, Босна и Хрцеговина, Црна Гора и Косово.

Спасовски во обраќањето рече дека можноста земјава да го организира форумот е испраќање на јасна порака за европската перспектива на регионот на Западен Балкан, како единствена алтернатива која ќе обезбеди мир, стабилност и просперитет на негови граѓани.

Тој се осврна и околу заедничките предизвици во областа на безбедноста, кои што единствено можат да се решат со заедничка соработка и цврсто партнерство со земјите од Европската Унија, изразувајќи го уверувањето дека дискусиите од денешниот Министерски форум ќе отворат нови перспективи за градење на заеднички одговор во справувањето со илегалната миграција, организираниот криминал и тероризмот, но и за зацврстување на мостовите на соработка помеѓу државите од регионот.

Финската министерка за внатрешни работи ја нагласи поддршката на нејзината земја за регионот кој, како што рече, е од висока стратешка важност за ЕУ.

„Заедно постигнавме многу во овие изминати години. Целта е да го видиме ова соседство како членка на ЕУ. Ќе продолжиме да работиме и да го поддржуваме Западен Балкан, односно европското соседство“, рече еврокомесарот за внатрешни работи и миграции Аврамопулос во воведното обраќање.

Според него, ситуацијата со мигрантите во овој регион не е ни блиску до она што се случуваше во 2015 и 2016 година.

„Сепак, притисокот од мигрантите расте и затоа треба да останеме будни. Веќе докажавме дека сме посилни кога работиме заедно. Сите ја имате нашата поддршка“, рече Аврамопулос.

Предвидено е во трите работни сесии на Форумот денеска да се говори на темите поврзани со миграцијата, безбедноста на границите, соработката со Фронтекс, потоа за заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осцврт на трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружје.  

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести