15.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Заев си оди во 2024 година

Најчитани вести

Премиерот најави дека си оди од политиката за околу 3 години од сега. Оваа политичка определба на актуелниот премиер е одлична вест за македонската демократија и за државата воопшто.

Пишува Никола Тодоров

Заев најави дека си оди од политиката во 2024 година. Ова, актуелниот премиер го најави во едно релаксирано, но пред сѐ лично и емотивно интервју за српски Курир. Интервјуто во основа беше една таргетирано изведена стратегија на хуманизација, која повеќе или помалку ја употребуваат најголем дел од политичарите, иако некои тоа го прават успешно и ефективно, а некои потфрлуваат и во овој сегмент. Сум пишувал на оваа тема за „хуманизација“ во политиката во некои мои претходни колумни, но темата на оваа моја колумна е една прилично, за мене, бомбастична најава од самиот премиер дека се повлекува од позицијата премиер, а и од политиката во 2024 година. Оваа негова најава како да не доби внимание и интерес на јавноста, иако за мене оваа реченица во ова прилично лежерно интервју отскокнуваше со својата важност. Затоа и ми е доста чудно зошто оваа најава не доби посериозно внимание, но и опсервација од страна на јавноста. Заев во цитираното интервју рече: „Премиерот треба да биде на функцијата најмногу два мандата, затоа што е ризик ако биде подолго од тоа, да стане автократ. Ова е секаде ризик, а особено на Балканот. Јас сум во вториот мандат кој би требало да биде до 2024 година и верувам дека тогаш и ќе го завршам. Потоа ќе се вратам во нашата компанија, повторно да работам комерција.”

Со ова Премиерот најави дека си оди од политиката за околу 3 години од сега. Како лета времето, ова ќе дојде многу брзо, премиерот ќе се повлече, а со неговото повлекување може засекогаш да исчезне и оваа политичка одлука никој да не може да биде премиер повеќе од 8 години односно два цели мандата. Оваа политичка определба на актуелниот премиер е одлична вест за македонската демократија и за државата воопшто. Ова е добра вест и за опозицијата, на која очигледно тешко ѝ оди против Заев на избори, па еве сега може да рече, успеавме, Заев си оди од политиката за неколку години.

На оваа тема, меѓу другото, пишував и во мојата прва колумна за Дојче веле насловена„Сага за замислениот мудар премиер предавник“. Во оваа колумна која повеќе беше една политичка фикција, но и полемика за тоа каква држава можевме да бидеме денес доколку бевме малку повеќе храбри, а многу повеќе мудри, напишав: „Но, мудриот ни премиер предавник истакна дека е премиер повеќе од 8 години и ако сега не се повлече ќе биде опиен од моќта и чувството на незаменливост. Рече: Одбивам да станам автократ и затоа превентивно делувам. Нашата држава е сѐ уште млада демократија и треба да внимаваме политичките елити да не забегаат. Затоа предлагам ограничување на мандатот на најмногу 8 години на премиерот, без можност за повторен избор во наредни 12 години. Истото да важи и за претседател на политичка партија. Ова е главниот анти-автократски превентивен механизам кој мораме да го воведеме и да го почитуваме во наредните неколку децении. После, откако ќе изградиме историја на успешна демократија, можеме да зборуваме за тргање на овие ограничувања.“

Овие неколку реда во моето колумнистичко деби, се веројатно еден од најважниот анти-автократски превентивен механизам кој мораме да го воведеме во овој стадиум на развој на македонската демократија. Сега, кога актуелниот премиер јавно изјави дека се залага за ова правило и дека ќе го примени почнувајќи од него, имаме шанса да го воведеме овој политички механизам на контрола и ограничување на моќта. Ако актуелниот премиер ја застапува оваа политичка доктрина, опозицијата мислам дека нема избор, па мора да покаже дека нејзината политичка визија за државава е базирана на анти-автократски принципи. Ако е ова вака, личи како сите коцки да се наместени да го усвоиме овој механизам кој ќе донесе многу повеќе демократија, ограничување на моќта и политичка стабилност во државава. Што ќе рече, сега му е мајката.

За ова да стане правило и обврска за политичарите, треба да стане дел од нашиот правен систем. Најдобро и најсигурно е доколку овој механизам се вметне во Уставот и се предвиди ограничување на времето кое една личност може да го помине на најмоќната позиција во државава. Еве, да ја земеме за пример американската демократија. Во САД претседателот не може да биде избран во повеќе од два мандата. Ова правило прво било воведено како непишано правило од страна на Џорџ Вашингтон. Ова правило го следеле многу негови наследници, но по третиот и четвртиот избор на Френклин Рузвелт, се појавила загриженост дека еден претседател може да биде неограничено избиран и со тоа да биде доживотен претседател. Затоа во 1947 година е донесен дваесет и вториот амандман на уставот на САД, кој стапил на сила 1951 година, и со кој, мандатот на претседателот на САД е ограничен на два последователни избора. Претседателот на САД е најмоќниот човек на планетата. Ако моќта не му е временски ограничена, и некој реши да ја злоупотреби, малку е веројатно дека некој ќе успее да го победи. Затоа американскиот законодавец решил да го воведе овој уставен механизам на временско ограничување на моќта. Американците ова го сфатиле навреме и ја заштитиле својата демократија од можен авторитаризам. Не гледам никаква причина зошто ние тоа да не го сториме денес.

За жал, отворањето на Уставот кај нас, е како отворање на Пандорина кутија, па малку е веројатно дека политичките партии би постигнале консензус да го отворат уставот и да го регулираат само ова прашање. Јасно е дека веднаш ќе се отворат многу апетити, па прилично е веројатно дека на крај нема да може да се донесе оваа уставна измена. Затоа ова решение со отворање на уставот иако е прилично трајно, во овој момент не е најдоброто решение.

Ако е тешко да се отвори уставот за да се воведе овој механизам за ограничување на моќта, тогаш тоа треба да се направи со закон. Ова решение, не гарантира трајност, и точно е дека може лесно да биде променето од некој друг, кој опиен од сопствената моќ ќе биде уверен дека без него државата ќе пропадне. Но, доколку се донесе ова законско решение и се ограничи можноста една личност да биде премиер во континуитет повеќе од 8 години, па некој потоа од личен интерес предложи промена на овој закон, ќе знаеме дека е автократ, дека е опиен и опседнат со сопствената моќ и дека со сигурност ќе стане опасен за државата. Од друга страна, ако ова правило го воведеме денес, и ако потоа биде испочитувано од актуелниот премиер кој самиот ова го најави, па потоа и ако биде испочитувано од таа или тој кој ќе дојде по него, мислам дека ова ќе стане покрај законска обврска и една морална политичка обврска за секој иден премиер.

Зошто ова го предлагам? Затоа што најдобро е човек да се повлече кога е најсилен. Ова е старо правило, но и клетва која следела многу луѓе кои тоа не го сториле. Кога еден политичар е најсилен, тогаш ја има и најголемата моќ. А моќта, верувајте, е поопасна од болест. Тоа е нешто појако од која било дрога, од која било пасија или зависност. Опива и обзема без да бидеш свесен за тоа. Кога ќе се свестиш, скоро секогаш е предоцна. Затоа и многу политичари станале жртви на сопствената моќ.

Ова е моја позиција одамна и преставува политички постулат од кој и јас се водев. Бев министер 8 години, станав пратеник и се повлеков од политиката кога пред мене беше можноста уште повеќе да напредувам и уште повеќе да ја зголемам својата моќ. Реков доста е, затоа што знаев дека ако сам не си ја одземам моќта кога ја имам и повеќе од тоа што ми треба, моќта може да ми се удри од глава. Затоа ја донесов таа за многумина неочекувана одлука и се повлеков од политиката. И мислам дека не згрешив, барем не за себе и за моето семејство. Затоа и ја завршувам оваа колумна со објаснување на оваа моја длабоко интимна одлука што сум ја донел, со цел да ги поттикнам на размислување оние кои денес ја имаат моќта или се гладни да ја освојат. Им порачувам на актуелните политичари – ограничете си ја моќта, пред да ја имате. Потоа ќе биде доцна.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести