9.8 C
Skopje
Sunday, October 17, 2021

Заев очекува позитивна одлука за влез во ЕУ до крајот на годинава оти завршуваат изборите и во Македонија и во Бугарија

Најчитани вести

Премиерот Зоран Заев денес по повторно искажаната поддршка на влезот на Македонија во ЕУ, на крајот од Самитот во Брдо, Словенија рече дека следен рок во кој се надева на позитивна одлука е средината на декември. Иако видно разочаран од ставот на Бугарија и на овој Самит, премиерот Заев е уверен дека има можност до крајот на годината да се одржи и првата меѓувладина конференција.

„Времето е пред нас. Рековме дека одлуките за проширувањето односно за нас конкретно, за првата меѓувладина конференција, првиот момент е средината на декември. Тогаш ќе бидат завршени изборите кај нас, ќе бидат завршени изборите во Бугарија и тоа ми дава надеж на вака силни декларации од страна на Европската Унија, како што се испорачаа денеска и тоа многу прецизни, верувам вака прецизни дури после 2003 година од Самитот во Солун, треба да бидат некое охрабрување за нас да продолжиме да бараме решение. Времето е пред нас. Јас останувам во исчекување дека до крајот на годината, тоа е средината на декември, можеме да ја добиеме позитивната одука односно до крајот на годината да ја одржиме и првата меѓувладина конференција“, рече премиерот Заев.

За него овој Самит е само уште една потврда, овој пат со Декларација, на заложбите на Европската унија за проширувањето и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Вели дека фокусот е на Македонија затоа што билатерланото прашање со Бугарија влијае на сите други земји – кандидати.

„ Влијае и на Албанија, директно затоа што се врзано со нас, но влијае во мотивацијата или демотивацијата на Србија и Црна Гора, на Косово и на Босна и Херцеговина и тоа е јасно“, вели премиерот Заев.

Тој утрово имаше две средби со претседателот на Бугарија Румен Радев. Прво беше на заедничи појадок со Радев со премиерот на Словенија Јанез Јанша, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј. На појадокот, премиерот Заев укажа дека народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела и ако ЕУ не дејствува, разочарувањето кај народите од регионот ќе биде непоправливо и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка.
Премиерот Заев и заменик – претседателот за европски прашања Никола Димитров заедно со Радев, имаа средба и со претседателот на Франција Емануел Макрон и канцеларката на Германија Ангела Меркел на која изразиле заедничка подготвеност и интерес од Северна Македонија и Бугарија да го продолжат дијалогот за да се дојде до решение на спорните прашања меѓу двете земји.

По овие две средби, пред почетокот на Самитот, претседателот Радев, во изјава за медиумите, рече дека Бугарија не може да каже „да“ за влезот на Македонија во ЕУ се додека неговите сонародници кај нас подлежат на суптилна асимилација, се потиснуваат и нивните права не се целосно интегрирани и додека не се искорени јазикот на омразата, не се смени толкувањето за Бугарија во учебниците, спомениците и државната политика. Тој побара Бугарите во земјава да бидат вброени во пописот и „како што беше призната историската вистина во односите на Северна Македонија со Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија“.

За премиерот Заев, чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија, се навреда за македонскиот народ. Рече дека ниту една ниту една земја – членка на ЕУ нема забелешки за реформите што се направени кај нас, од кои зависи напредокот. Нагласи дека по изборите кај нас и во Бугарија треба да продолжи дијалогот со преземање одлучни чекори за решавање на отворените прашања, но македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com