3.8 C
Skopje
Sunday, December 5, 2021

Заев: Ниту една земја членка на ЕУ не е против отворањето преговори со Северна Македонија

Најчитани вести

Hиту една земја членка на Европската Унија не е против отворањето преговори со Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање кои земји вчера на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ биле против отворањето преговори со Северна Македонија.

„Порано имаше земји против и ГАК (Совет за општи работи на Унијата) не носеше вакви заклучоци. Нема ниедна земја против. Напоменувам – нема земја против отворањето преговори за да може ГАК да донесе ваков заклучок и да му го предложи на Европскиот совет, така што имаме консензуална одлука“, рече Заев.

Тој апелира до граѓаните да се радуваат за оваа историска одлука за нашата земја. Заев рече дека преговорите ќе почнеле во јуни ако не биле изборите за Европскиот парламент.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, претходно на „Твитер“ објави дека против отворање на преговорите вчера гласале Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија. Според него, 12 земји членки биле „за“ преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија. Другите, меѓу кои и Грција, биле воздржани.

Министрите за надворешни работи на Европската Унија вчера не се согласија за доделувањето датум за почеток на преговорите за Северна Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.

„Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот преспански договор, како и договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019 година“, се наведува во заклучокот на Советот за општи работи на Унијата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com