1.8 C
Skopje
Friday, January 27, 2023

Заев: Не ни треба ЕУ ако некој сака да преговараме за македонскиот јазик и идентитет

Најчитани вести

Ниту оваа, ниту пак која било влада има право да разговара за македонскиот јазик и македонски идентитет, нагласи премиерот Зоран Заев на вчерашната собраниска седница на која беа поставувани пратенички прашања. Истовремено од Брисел, по пристигнувањето на дводневниот Европски совет, претседателот на Бугарија, Румен Радев ја забетонира уценувачката бугарска позиција дека брзото движење на Република Македонија кон ЕУ ќе зависи само од дијалогот со Бугарија.

– Не ни треба Европска унија, ако некој сака да преговараме за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што ќе бидеме обезличени. Нема кој да влезе во ЕУ, затоа што мнозинството народ во државата се Македонци, рече Заев, одговарајќи на пратеничко прашање на Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, зошто нема почеток на преговори со ЕУ и побара од претседателот на Владата да го прочита предлогот со кој тој заминал во Софија.

Заев објасни дека со Бугарија се разговара за патоказот, што е предлогот во португалското решение за проблемот, во кој се наведени сите области за соработка, како на пример изградба на инфраструктура, отворање гранични премини, подобра соработка меѓу институциите.

– Вториот дел, во кој се осврнуваме во патоказот е интензитетот на состанување на историско-образовната комисија, без да се прецизира за тоа што Комисијата разговара оти таму членуваат експерти. На едно место каде што се спомнува македонскиот јазик, стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признаени јазици, потенцира Заев.

Според него, не се започнати преговорите со ЕУ, поради внатрешната состојба во Бугарија, која нема политичка влада и нема конститутиран Парламент. Заев верува дека во периодот што следи, ќе продолжат разговорите со Бугарија.

Од Брисел, пак бугарскиот претседател Радев вчера безкомпромисно обелодени дека нема намера да ги менуваат декларираните бугарски позиции и порача дека е време сите да сфатат оти забрзувањето на европската перспектива „за нашата најблиска држава“, како што ја именува земјава, зависела само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија.

– Јасно е дека луѓето во Република Македонија се наши браќа и ние сме должни да им помагаме, како и секогаш. Бугарија останува отворена за брзи, успешни билатерални преговори во интерес на граѓаните на двете земји, додаде Радев.

Тој ијзави дека Бугарија успеала во напорите прашањето за започнување преговорите со Скопје и Тирана да се отстрани од агенда на средбата на шефовите на држави или влади на земјите од ЕУ, што вчера и денеска се одржува во Брисел.

Според него, последните месец и половина Бугарија била под „неверојатен притисок“ од европските партнери на денешниот Европски совет да го повлече ветото и на овој Самит на ЕУ да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со земјава.

– Верувам дека сфатија оти обвинувањата против Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции, на одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да се излезе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија… Притисокот ќе продолжи, но ние докажавме овој месец и половина дека можеме да бидеме отворени за конструктивен дијалог и да иницираме дијалог на највисоко ниво, рече Радев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера на отворањето на изложбата на плакати по повод 30 години од формирањето на Вишеградската група во Кристалната сала во Собранието, на која беа присутни и амбасадорите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во нашата земја, истакна дека искуството на овие земји е исклучително важно во процесот на нашата интеграција во Европската Унија.

Вишеградската четворка, потенцира тој, е успешен модел за соработка меѓу државите членки кои од аспиранти со заедничка соработка станаа дел од Унијата и модел на соработка кон кој се стремиме ние заедно со земјите од регионот.

– Очекуваме понатамошна континуирана и плодна соработка на сите нивоа со Вишеградската група како наш долгогодишен поддржувач и партнер. Иднината на сите нас е во Европската Унија и во овој регион нема друга алтернатива. Ова е главната порака што ја испраќаме од тука и главен приоритет за нашата земја, потенцира Џафери.

Истовремено, министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за хрватскиот неделник „Национал”, изјави дека граѓаните на Македонија се уште веруваат оти единствената правилна идеја е таа што води кон членство во Европската унија.

Министерот за правда во интервјуто ја потенцира важноста од започнување на преговорите на нашата земја со ЕУ што е можно поскоро, затоа што, како што вели, граѓаните го губат ентузијазмот и довербата во Унијата.

– Имавме доволно проблеми кога Франција го блокираше отворањето на преговорите, потоа отидовме на предвремени парламентарни избори, а оваа состојба дополнително ја влошува фактот што во Македонија опозицијата ја користи европската блокада за националистичка мобилизација. Нашата позиција е да ги спроведеме потребните реформи и да ги регулираме односите со соседите, пред се за наше добро. Нашата цел е да ја вратиме Европа дома, и тоа го правиме за нас, не затоа што некој нè притиска. Сепак, многу е важно таквата политика да се валоризира со конкретни потези, односно со отворање на преговорите. Затоа што ентузијазмот кај граѓаните сигурно ќе започне да паѓа доколку трае оваа состојба. Сепак, мислам дека повеќето граѓани на Македонија сè уште веруваат дека единствената правилна идеја е таа што води кон членство во Европската унија. Но, во вакви ситуации токму оние проевропски граѓани се најразочарани. Националистите, се разбира, со нетрпение го очекуваат тоа, вели Маричиќ.

За важен сигнал кон Западниот Балкан, Маричиќ ја смета и Извршната уредба на претседателот Бајден, со која уште еднаш се потврдува значењето на мировните договори.

И пратеникот од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот

Парламент, Васил Стерјовски, во обраќањето на вчерашната пленарна седница се задржа на блокадата на стартот на преговорите за членство во ЕУ со Скопје и Тирана, оценувајќи го како „последователно разочарување на сериозноста на проширувањето на Европската Унија“.

Според него, фактот дека повеќето земји од ЕУ се согласиле за одржување на првите меѓувладини конференции покажува дека и двете земји направиле чекори напред, спровеле реформи и заслужиле отворање на преговорите за членство.

– Жално е што една земја членка на ЕУ, како Бугарија, со бројни проблеми во владеењето на правото, корупцијата и човековите и малцинските права, кршејќи ги основните принципи на градење и функционирање на европското семејство, употреби вето на процесот, користејќи изговори што не се поврзани со овој процес и тоа е закана за еднаквоста и самото значење на градењето на ова големо семејство, рече Стерјовски од собраниската говорница во албанскиот Паралмент, посочувајќи дека сепак оваа одлука не треба да ги обесхрабри и двете држави.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести