1.8 C
Skopje
Saturday, February 4, 2023

Заев на „Економист“ во Атина: Северна Македонија станува енергетски коридор за земјите од Југoисточна Европа

Најчитани вести

Премиерот Зоран Заев во обраќање на конференцијата на „Економист“ во Атина ја истакна важноста од регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно. Премиерот ги истакна можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.

„Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се на Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност не само за Северна Македонија туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природниот гас“, истакна Заев и потенцира дека нашата земја станува енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа.

На панел-сесијата, заедно со премиерот Заев, обраќања имаа и премиерот на Албанија – Еди Рама, на Косово – Албин Курти, поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешната еврокомесарка за вработување и социјални прашања, Ана Дијамантопулу, Џорџ Катруглос – поранешен министер за надворешни работи, како и Ринс Прибус – претседател на „Мајкл бест стратеџис“.

Премиерот Заев во своето излагање сподели неколку пораки за проекти што Северна Македонија во соработка со земјите од регионот, Европската Унија, САД и со сите пријателски земји ги реализира за економска стабилност и просперитет.

Северна Македонија, но и другите земји од регионот ја следат европската агенда како за климатските промени така и во однос на зелената енергија и тој изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра.

„Сега се обидуваме да отвориме нови зелени коридори со нашите соседни земји и многу сум среќен бидејќи Грција е првата земја што ги отвори овие зелени линии со нас како земја членка на Европската Унија бидејќи ние сме опколени од земји членки на ЕУ. Ние сме како остров во средина. И многу сум благодарен што премиерот Мицотакис го направи првиот чекор да го отвори првиот грчки коридор и да ги охрабри другите земји членки да го следат неговиот пример“, рече Заев.

Тој дополни дека за нас не постои друга алтернатива, освен иднината во ЕУ.

„Сакаме да ги европеизираме нашите земји – Скопје, Приштина, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево, сите ние сакаме да ги почувствуваме придобивките“, рече Заев.

Истовремено, истакна дека закрепнувањето на Северна Македонија, но и генерално на Западен Балкан, во овој период е видливо говорејќи за економијата и за инвестициите, и додаде дека, конечно, се враќаме на позитивни стапки на раст.

Заев се задржа и на инвестициите во регионот и во нашата земја додавајќи дека се развиваат алатки за привлекување инвестиции, особено за време на пандемијата и ги претстави условите за инвестиции во Северна Македонија.

Дополнително, потенцира дека само за време на пандемијата имало пет нови инвестиции.

„Сакам да истакнам дека сѐ што се случи во Северна Македонија, особено по договорот од Преспа, на економски план е многу видливо“, порача Заев.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести