8.8 C
Skopje
Wednesday, February 1, 2023

Заев до Радев: Кај кои малцинства во Бугарија сте биле?

Најчитани вести

Дај да видам колку пати нивните политичари од Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалубројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Џафери, министрите, насекаде сме се појавувале, на какви било културно-историски манифестации, на одредени форуми, конференции, секојпат со респект, му одговори премиерот Заев на бугарскиот претседател Радев

Македонско-бугарските разговори се на пауза до избор на новата влада во Софија, но не и изјавите на државниците од двете земји. Бугарскиот претседател Румен Радев обвини дека во Македонија се кршат правата на граѓаните со бугарска самосвест, македонскиот премиер Зоран Заев му одговори дека македонските политичари, за разлика од бугарските, искажуваат почит кон помалите етнички заедници.

Тој не сакаше преку медиумите да му реплицира на претседателот на Бугарија, но сепак рече дека се појавил на манифестации на бугарските, многупати повеќе отколку на македонски, албански или на турски здруженија.

– Му подигнавме споменик на полковник Гарванлиев, сме покажале респект насекаде, затоа што станува збор за наш сосед и за граѓани Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа. И, навистина, целиот свет во суперлативи зборува за начинот на реализирање на едно и еднакво општество за сите. Што било да претставува забелешка, ние сме подготвени да ја адресираме, но не може политички претставници да повикуваат и да зборуваат за политики и оттука да влечат заклучоци за одредени права или не. Дај да видам колку пати нивните политичари од Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалубројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Џафери, министрите, насекаде сме се појавувале, во кој било регион од државата, на какви било културно-историски манифестации, на одредени форуми, конференции, секојпат со респект. Така што, најважното на кое треба да се посветиме е да овозможиме на младите да не се мразат, историјата што денеска ја пишуваме е најважна – рече премиерот Заев.

Изјавата за правата на Бугарите во Македонија, Радев ја даде по средбата со австрискиот колега Александар Ван дер Белен во Салцбург, на која повторил дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ.

– Иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување во ЕУ, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација. Сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор. Бугарија нема да дозволи кршење на правата на граѓаните со бугарска самосвест – рекол Радев.

Премиерот Заев му одговори и на оваа констатација на Радев, велејќи дека за тоа кој ги исполнува критериумите за членство, одлучува ЕУ.

– Тоа е работа на ЕУ, кога ќе одлучат да го продолжиме процесот, нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде, имаме сериозни процеси за спроведување на агендата „Европа дома“, што значи унифицирање на царинскиот тарифник, тоа е дел од поглавјата што ние веќе го правиме. Во делот на унапредување на сите други аспекти од општествениот живот, исто така секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон ЕУ, всушност, значи европеизација овде – рече Заев.

Тој најави дека Бугарите ќе бидат внесени како малцинство во Уставот, заедно со Хрватите, Црногорците, Египќаните и другите помали заедници кога Македонија ќе влезе во ЕУ и заради членството ќе мора да го менува Уставот. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во изјавата на премиерот виде провокација.

„Безобразен, дрзок, најдрзок Заев. Отворен е уште еден пазарен ден, но во овој случај се тргува со огромна цена и се става феномен што воопшто не треба да се доведува во прашање во демократските земји – еднакви права за Бугарите што живеат во Северна Македонија. Ништо ново, сите исти стари трикови на Коминтернот, исти, како и Титовите обиди за измама“, напиша Џамбаски на Фејсбук.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести