Заев: Го искористивме времето во „чекалната“, подготвени сме за преговори за членство во ЕУ

0

Премиерот Зоран Заев денеска во Виена учествуваше во дебатата на тема “Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, во организација на Институтот Карл Ренер и Фондацијата Фридрих Еберт, на која учествуваше и Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и претседавач со Делегацијата на заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија. Заев во воведното излагање ги запознал присутните со најзначајните поенти од реформските процеси.

Заев, како што соопшти владината прес служба, кажал дека Владата е целосно посветена на овие процеси, дека ја обновила демократијата и испорачала конкретни резултати во 4 области, како што се бараше во Заклучокот на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во владеење на правото, антикорупција, безбедносни реформи и реформи во јавната администрација, и паралелно беа остварени значајни позитивни промени и во социјалната сфера.

„Ја покачивме минималната плата два пати за две години. Ја зголемивме поддршката за социјална помош за 300% во корист на 30 илјади семејства. Зголемена е поддршката на децата за 70 илјади деца. Платите во јавниот сектор, за лекарите, социјалните работници и наставниците, се повисоки. Воведовме социјална пензија, така што старите граѓани не остануваат без никакви приходи. Ние сме посветени да градиме општество што е социјално праведно и каде сите имаат еднакви шанси“, рекол Заев на дебатата во Виена.

На меѓународен и на билатерален план, тој нагласил дека Владата успеа да ги реши билатералните спорови со Бугарија и Грција, и тоа ја направи земја без отворени прашања со соседите, како единствена на Западен Балкан од таа перспектива.

„Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Таа се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Заедно со премиерот Ципрас создадовме модел за решавање на комплексни прашања“, рекол Заев.

Ова, според него, било препознаено и афирмирано од меѓународната заедница, вклучувајќи го и францускиот претседател Макрон кој дал поддршка на овие политики во пресрет на референдумот за промена на името како чекор кон членството во ЕУ и НАТО.

„За Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во ‘чекалната‘ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ“, додал Заев.

Тој повторно кажа дека е сѐ уште оптимист и дека очекува шефовите и влади на земјите на ЕУ на нивниот самит во Брисел да донесат одлука да почнат преговорите за членство за нашата земја.

„Очекувам е ЕУ да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ, и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ, и ќе останеме посветени на тој пат“, изјави Заев.