21.8 C
Skopje
Monday, August 2, 2021

ЗАЕВ: Албанија ќе ја чека Северна, за да не се одвојат двете држави за прием во ЕУ, а со Љубчо Георгиевски немаме ист став кон Бугарија

Најчитани вести

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, пак се колне премиерот Зоран Заев, кој истото го изјавуваше и се колнеше дека нема да се смени уставното име на Македонија пред да го склучат гоговорот со Грција во Нивице.

Заев додава дека универзално право на сите нации е да имаат свој јазик и свој национален идентитет. Неговиот албанскиот колега, Еди Рама смета дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политиката и оти Албанија е подготвена „да ја чека С. Македонија“ за да не се одвојат двете држави во процесот на интеграција.

Околу ставот на коалицискиот партнер Љупчо Георгиевски, што предизвика бурни рекации, Заев информираше дека разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа е негов личен став, и како што рече, му објаснил дека тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни.

– Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември ’43 како Бугари и да се разбудите на 1 јануари ’44 како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ни Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народи и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството, рече Заев.

Според премиерот, Бугарија иако ги признава Македонците и македонскиот јазик како реалност бара да разговара за минатото, но тоа, вели е доминантно прашање на историчарите, изразувајќи уверување дека ќе изнајдат начини токму како историчари да го заокружат делот на минатото што Бугарија сака да го утврди.

Изрази надеж дека ќе има поместување во изнаоѓање на решението по изборите во Бугарија.

-Верувам дека ќе се изнајде решение, не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција, истакна Заев.

Рама, околу можноста да се одвојат Скопје и Тирана сега кога Македонија е блокирана од страна на Бугарија, ја потенцира својата поддршка за земјава и изрази надеж дека лидерите во Скопје и Софија „ќе покажат мудрост и ќе го надминат спорот“.

– Кога ќе се материјализираат конкретните чекори, како првата меѓувладина конференција, не е всушност до нас. Живееме во различни времиња. Не се ова најдобри времиња за нас во регионот, изјави Рама одговарајќи на прашањето за почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија пред неговите соговорници високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Рама, исто така, посочи оти кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Македонија, тој бил „ужаснат“.

– Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, кои се мудри, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат, порача албанскиот премиер.

Тој додаде дека минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите, но дека тоа нема место во дневната политика и изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија во овој момент од процесот, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција.

– Минатото е процес кој може да ја зароби С. Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме, изјави Рама.

Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со С. Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен, но според еврокомесарот Вархеји, тоа нема никаква поврзаност со некаков притисок од Бугарија.

– Советот за Албанија требаше да се одржи во ноември, така што и овој е одложен, сега бараме датум, во ова време на Ковид очекувани се одлагања на средби, нема ништо страшно во врска со ова, така живееме во време на Ковид, рече Вархеји.

Осврнувајќи се на можното одвојување на евроинтеграцијата на Скопје и Тирана, еврокомесарот за проширување изјави дека станува збор за процес заснован на заслуга и земјата што ќе ги исполни условите ќе ја добие првата меѓувладина конференција.

– За Албанија условите се исполнети и ние ќе поднесеме предлог до земјите членки да започне првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, изјави Вархеји.

Имено, бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со шефовите на бугарските специјални служби побара да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест.

Повод за средбата е писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добило од Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола и од други граѓани на Северна Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

На средбата, се додава во соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Софија, соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов и специјалниот претставник на Владата на Република Северна Македонија за Бугарија Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу Софија и Скопје.

При разговорот најголем акцент бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.

Особено внимание било посветено на подготвеноста на двете земји за изградба на граничниот контролен пункт „Клепало“ меѓу општините Струмјани и Берово.

Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот заменик-министер за регионален развој Деница Николова изјави дека Бугарија планира да бидат насочени околу девет милиони евра за изградба на граничниот премин „Клепало“ меѓу Струмјани и Берово, што е назначен за стратешки проект на Софија и Скопје и оти со неговата изградба ќе се подобри поврзаноста меѓу двете држави и ќе се олесни трговијата и туризмот во двете насоки.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести