17.8 C
Skopje
Thursday, September 23, 2021

Задолжувањето е оправдано кога продуцира повисок економски раст

Најчитани вести

7 март 2021, Скопје – При издавањето на државни хартии од вредност, трошокот треба да биде помал од бенефитот кој ќе го продуцира, односно идните стапки на раст на бруто-домашниот производ треба да бидат доволни за да го финансираат долгот, пишува во својата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој истакнува дека е потребна и планирана фискална консолидација, која буџетскиот дефицит и јавниот долг ќе го сведат под мастришкиот критериум на среден рок, а наведува и дека задолжувањето е оправдано, доколку истото продуцира повисоки стапки на економски раст.

Пишува: д-р Фатмир Бесими

-Еврообврзницата која ја издадовме сега во 2021 година има економска оправданост. Со неа ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра, која беше издадена по каматна стапка од 3,975%. Сега каматната стапка изнесува 1,625%, што значи дека за седум години ќе имаме каматни заштеди од 82,25 милиони евра. Понатаму, реалниотраст на БДП кој го проектираме е 4,1% (или номинален раст од 5,6%), односно за 3,5 пати повисок во однос на каматната стапка на еврообврзницата. Тоа значи дека остатокот од еврообврзницата од 200 милиони евра, кој ќе се користи за буџетска поддршка ќе продуцира неколкукратнo повисока вредност од трошокот кој ќе се плати за неа. Инаку, за споредба со проектираната реална стапка на раст на БДП, доколку се земе предвид инфлацијата во ЕУ и во нашата економија на ниво од 1,5% согласно проектираната стапка за 2021 година, лесно може да се пресмета дека реалната каматна стапка на осмата еврообврзница изнесува 0,125%, односно номиналната камата од 1,625% намалена за проектираната инфлација од 1,5%. – пишува Бесими.

Тој во колумната пишува дека со почетокот на ковид-кризата, растот на буџетскиот дефицит и на државниот долг во текот на минатата година, е карактеристичен за речисисите економии во светот. Зголемувањето на долгот потекнува од падот на приходите, поради нарушувањето на глобалните синџири на добавување, и истовремено зголемување на расходите поради финансирање на трошоците поврзани со кризата.

– Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем раст на  државниот долг во Европа за 2020 година во споредба со 2019 година има Шпанија со раст од 27,5 процентни поени или актуелен државен долг од 123% од БДП, понатаму Италија со раст на долгот од 27 процентни поени или државен долг од 161,8 % од БДП и Грција со раст од 24,3 процентни поени и државен долг од 205,2% од БДП. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3% од БДП, понатаму Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81% од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7%. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое според проценките на ММФ во извештајот за македонската економијаод април 2020 година, не би требало да надминува 70% од БДП. Економскиот раст може да се поттикне преку јавниот долг (debt-fueled growth), но тој не може да биде главниот двигател на растот – пишува Бесими.

Во колумната министерот за финансии ги изложува и плановите за постепена фискална консолидација преку која јавниот долг до 2025 ќе се сведе на 58,8% или под мастришкиот критериум.

-Ова ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга страна, преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање на поголема додадена вредност од која полесно ќе може да се сервисира долгот кој доспева. Со среднорочната рамка, врз основа која дејствуваме и врз основа на кој е поставен и буџетот за оваа година, предвидени се мерки и политики во двете насоки.- пишува Бесими.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com