„Важно е да продолжат меѓународните консултации и размената на ставови за да се создаде основа за патот кон мировно решение“, заклучија националните советници и претставници од речиси 40 земји, кои учествуваа на мировниот самит во Џеда, Саудиска Арабија. Русија не беше дел од дводневниот настан.
„Ќе дадеме сè од себе да го зајакнеме украинскиот небесен штит. Одговорноста на секој партнер, во снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана и ракети е многу важна. Тука е потребна целосна заштита од теророт, за подоцна да нема потреба да се размислува за заштита на другите народи од него. Украина може да ја добие оваа битка, а нашиот небесен штит на крајот ќе гарантира безбедност за цела Европа“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Додека траат дипломатските обиди за мир, битките на фронтот се разгоруваат. Загинати и повредени цивили во ракетен напад врз Херсон. Руските власти објавија дека украински беспилотни летала биле соборени над Москва и пограничниот регион Брајанск. Киев пак, ја презеде одговорноста за ракетните напади на мостовите меѓу Крим и регионот Херсон.
Населението и натаму бега од загрозените подрачја. Повеќето бегалци најдоа спас во соседните земји, обидувајќи се да си го почнат животот одново. Дел од бранот успеа да стигне и до САД. Нафтената индустрија на Северна Дакота, подолг период се бореше да најде странски работници, па украинските бегалци добија можност да се вработат во нејзините сектори. Процесот се одвива преку програмата на администрацијата на претседателот Бајден, наречена „Обединување за Украина“ со која им се дава шанса да живеат и да работат во земјата до две години.
„Во Северна Дакота успеав да најдам работа. Се надевам дека војната ќе заврши брзо. Овде ќе работам за да заработам нешто и да му помогнам на семејството, да си помогнеме во обновата на земјата, па и бизнисите. Мислам дека во еден момент Украина повторно ќе биде голема“, вели украински бегалец.
„Се надевам дека ќе ни биде добро во Северна Дакота. Би сакал да си го донесам семејството овде“, вели друг.
Војната во Украина трае година и пол.