Home » Завршни зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово, пресуда на 5 јуни

Завршни зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово, пресуда на 5 јуни

by Журнал.мк

Обвинението на обвинителството не дава одговор кој е виновен за пожарот во модуларната болница, посочи одбраната на првообвинетиот Флорим Бесими, кој се товари за кривично дело тешки дела против општата сигурност. Вината меѓу другото треба да се бара во електричната инсталација, но во изолацијата на самиот објект, а не во тоа дали или немало ПП апарати.

„Флорим Бесими како директор на болницата немал ниту обврска да поставува ПП апарати, тој бил задолжен за квалитетот на услугите, организацијата на болницата и слично. Но и дел од сведоците кои сведочеа дека не виделе ПП апарати кога избувнал пожарот не биле во другите соби или во некои други простории да видат дали имало противпожарна заштита, туку биле затечени само во собите на нивните роднини. Затоа на судот не му останува ништо друго освен да донесе ослободителна пресуда“, истакна одбраната на Флорим Бесими.

Одбраната на второобвинетиот Артан Етеми кој се товари за истото кривично дело тешки дела против општата сигурност посочи дека се работи за несериозно обвинение.

„Обвинетиот не се товари за предизвикување на пожар туку за друго кривично дело. Би сакал да потенцирам дека станува збор за пожар во полуфабрикувани контејнери. Бараме обвинетиот да се ослободи за делото кое се товари, а кое истото Јавното обвинителство не го докажа“, изјави одбраната на второобвинетиот Артан Етеми.

Во текот на судската постапка Основниот суд Тетово од доказите може да заклучи дека во модуларната болница имало ПП апарати, посочи во завршните зборови одбраната на правното лице „Клиничка болница Тетово“ кое се товари за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

„Дел од вработените кои биле во повеќе простории во своите искази, посочија дека во просториите на модуларната болница виделе ПП апарати и тие докази треба да се земат во предвид како веродостојни, за разлика од другите сведоци кои кажаа дека немало ПП апарати, но тие биле присутни во болницата во одредени случаи и само во некои простории. Обвинителството не успеа да докаже дали доколку имало ПП апарати, пожарот ќе се угаснал. Луѓето во модуларната влегувале да ги посетат роднините самоволно, а од вработените им било укажувано да го напуштат објектот“, рече во завршните зборови одбраната на правното лице Клиничка болница Тетово.

Ослободителна пресуда побара одбраната на доктор Бобан Вучевски кој се товари за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвиненијата со кои се товарат обвинетите се докажани во судскиот процес, истакна Јавното обвинителство во завршните зборови.

„Сведоци сведочеа дека ноќта кога избувнал пожарот сакале да интервенираат, но не можеле да најдат ПП апарати. Дел од вработените истакнаа дека доктор Бобан Вучевски бил раководител на модуларната, тој им давал наредби, а роднини на пациенти слободно влегувале во болницата. Исто и увидот на ДЗС докажа дека на лице место не се најдени ПП апарати. Затоа бараме судот да ги прогласи за виновни и да се земат во предвид олеснителните и отежнитлените околности, посочи во завршните зборови Јавното обвинителство.

За време на завршните зборови, законски застапници на дел од роднините на починатите побараат надомест на штета и кажаа дека се приклучуваат на кривичниот прогон.

Пред денешното рочиште и утринава имаше собир за поддршка на доктор Бобан Вучевски.

Во пожарот во модуларната болница на 8-ми септември 2021 година загинаа 14 луѓе. Пресудата за случајот ќе биде објавена во понеделник на 5-ти јуни.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk