17.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Заборавени жените што рачно ги насликале првите филмови во боја

Најчитани вести

Раното кино честопати се памети како исклучиво црно-бела слика, дијаметрално спротивна на денешните живи бои што ја овозможуваат денешните телевизори.
Но, всушност, околу 80 проценти од раните филмови биле направени во боја – затемнети, тонирани и насликани со светли бои што создале необичен, надреален ефект. За смелите и често фантастични бои што трепереле низ најраните филмски ленти биле одговорни жените, но одамна се заборавени нивните имиња.

Боите популарни во танцувачките филмови

Прецизната, исцрпувачка работа како што било боењето на филмот на рака била една од првите професии во филмската продукција достапна за жените уметници и тие успеале да доминираат во овој сегмент на крајот на 20 век. За жал, од нивните искуства остануваат само ретки пишани записи. Знаеме дека жените што работеле во работилниците за сликање на филмовите поминувале цели денови сликајќи со тенки четки, како влакно од камила. Работата на мало платно од 35 мм барала прецизност. Со еден погрешен потег можел да се уништи цел кадар.
Некои женски колористки ги развиле своите вештини во годините поминати во боење на разгледници и стакла на фенери, работа за која било потребно исто така големо внимание за деталите. Во овие рани денови на филмското сликање, боите се користеле првенствено за да се нагласат важните предмети во кадарот. Голем дел од сликата останувал црно-бел, со нијанси за детали како сина шапка, розов фустан, жолта ѕвезда. Боите станале особено популарни во жанрот на танцувачките филмови – кратки филмови со женски танчари, кои често носеле балон фустани. Во овие филмови, живописните тонови можеле да се толкуваат поапстрактно.
Во тоа време гледањето на најмалку три нијанси на боја станало стандардно за популарните филмови како „Серпентина танц“, популаризиран од страна на Томас Едисон и браќата Лумиер кон крајот на 1890-тите години. Но филмот во боја можел да биде од 70 до 80 проценти поскап од црно-белиот филм и колку бил подолг, толку бил поскап и процесот на сликање. Поради тоа продуцентите почесто правеле пократки обоени филмови.

Француската колористка Елизабет Тулие

Написите од тоа време покажуваат дека публиката изразувала огромно задоволство од живиот свет на филмови во боја. Како што забележал Дејвид Халфиш во списанието „Никелодеон“ во 1909 година: „Филмот во боја привлекува најголем интерес. Публиката буквално седи и гледа кога првата сцена од обоен филм ќе затрепка на екранот“.
Поради зголемената побарувачка за професионално боење на филмовите, некои жени колористи дури отвориле свои студија, каде што вработиле свои чираци -млади сликарки. Една таква француска колористка била Елизабет Тулие, која била сопственичка на работилницата што работела на филмовите на познатиот режисер Жорж Мелие од 1897 до 1912 година. Опсесивно педантна, Тулие ги минувала ноќите земајќи примероци во бои и планирајќи ги палетите. Дневно, нејзината екипа од околу 220 работнички ги реализирала нејзините шаблони, деликатно обложувајќи ги филмовите со боја растворлива во вода.
За да се обои секој отпечаток од најпознатото дело на Мелие, „Патување до Месечината“ (1902), требало да се насликаат вкупно 13.375 филмски слики.
Да се видат жени како работат кон крајот на 19 век во кој било занает било невообичаено. Изненадувачки, но една од причините што ги вработувале била што тие се задоволувале со ниски примања.

Сепак, тие претставувале многу повеќе од евтина работна сила. На боењето на филмовите се гледало како на занает сличен на домашните, женски кодирани задачи, како сликање на стакло или на керамика.
Научникот Џошуа Јумибе во својата книга „Подвижна боја“ од 2012 година пишува: „Се претпоставува дека жените историски се поусогласени со бојата и се подложни на нејзините сензуални влијанија, спротивно на тоа, формата е поврзана со машкоста, интелектуалноста.“
Дебатата околу бојата наспроти формата, која датира уште од времето на Аристотел, започнала во Франција кон крајот на 17 век. Оттогаш, многу естетски теоретичари, вклучувајќи го и филозофот од 20 век, Теодор В. Адорно, тврдат дека бојата е навистина инфериорна во однос на формата. Јумибе објаснува дека сликањето на филмовите се сметало само за украс, сличен како нанесувањето шминка за лицето, а тоа совршено им одговарало на жените. Делумно поради популарноста на филмовите за танчарки, бојата станала многу поврзана со сликите на жени на екран.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести