Порибувањето на Охридското езеро кое е во надлежност на Електрани на Северна Македонија (поранешна ЕЛЕМ) и во еден дел на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое, како што објавивме претходно, не е извршено од 2019 година, отвори многу прашања во јавноста кои редакцијата Журнал веќе подолго време ги истражува поготово што се појавија и сомнежи за можни злоупотреби при самиот процес на порибување поврзани пред се со количеството на подмладокот јагула кој последен пат бил пуштен во езерото.
Во сите јавно достапни информации кога во 2019 година било извршено последното порибување, а кои компанијата ЕСМ ѝ ги соопштила на јавноста се вели дека во езерото биле пуштени вкупно 29.421 парче подмладок на јагула со вкупна тежина од 865 килограми, со што, како што тогаш објавила компанијата, ќе се подобри фондот на живиот свет во езерото, како и самиот еко-систем.
Наспроти овие тврдења на надлежните, редакцијата Журнал поседува документ кој покажува дека тогаш езерото било поробиено со речиси двојно помалку риба, односно само со 374 килограми?! Во желба да ја откриеме вистината и да ги оттргнеме сомнежите дека во случајов биле направени какви било злоупотреби се обративме до неколку институции, кои се должни да се грижат за живиот свет во езерото, кое поради ваквиот однос на институциите може да предизвика и нарушување на биодиверзитетот.
Во Министерството за животната средина и просторно планирање, единствено кое досега одговори на нашите прашања, велат дека одговорите на прашањата за количините со кои било порибено езерото треба да ги даде Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е надлежен државен орган за рибарството и аквакултура. Од Министерството за екологија влеваат оптимизам дека откако ќе се создадат услови за да се определи субјект за управување со заштитеното подрачје на езерото, ќе се подобри и заштитата на живиот свет.
„Согласно Законот за заштита на природата, МЖСПП тековно води постапка за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија – III споменик на природа, врз основа на изготвена Студија за валоризација на споменикот на природата Охридско Езеро. Со прогласување на Охридско Езеро за споменик на природа законски ќе воспостават надворешни граници и зони на заштитеното подрачје и ќе се назначи субјект за управување со заштитеното подрачје. Заштитата, управувањето и мониторингот на живеалиштата и дивите видови ќе биде подобрена преку преземање на мерки и активности согласно Планот за управување со заштитеното подрачје, кој согласно Законот за заштита на природата треба да биде донесен од субјектот за управување“, се вели во официјалниот одговор од Министерството за животна средина за Журнал.
Дали е загрозен биодиверзитетот на езерото поради нередовно порибување?, ова прашање на Журнал остана неодговорено, а го упативме и до министерката Каја Шукова.
Потрагата на Журнал по вистинските одговори ја продолживме и со прашања до охридскиот Хидробиолошки завод. Оттаму директорката д-р Орхидеја Тасевска, ни вети дека јавноста ќе добие стручен одговор на нашето прашање во врска со овој проблем во текот на утрешниот ден. Со прашања се обративме и во секторот за животна средина во општината Охрид, но и од таму молк како и од Министерството за земјоделство.
Еколошките здруженија кои можеби се најревносни кога станува збор за заштитата на природното богаство, животна околина, а поготово Охридското езеро како да затаија во овој период. Журнал побара реакција и дополнителни сознанија од еколошкото здружение „Охрид СОС“, кое беше едно од најборбените во заштитата на автентичното градско јадро во Охрид од несоодветни градби, но до објавување на овој напис, нема одговор. Побаравме реакција и од Македонското еколошко друштво (МЕД) како едно од постарите здруженија чија мисија е да ги заштитува природата и животна средина и тоа со активно вклучување на граѓаните, но со оглед на годишните одмори, ни рекоа дека сепак ќе се обидат да најдат експертско мислење за прашањето поврзано со биодиверзитетот на Охридското езеро.
Журнал во ова наше истражување има само една цел – вистинито и објективно да ја информира јавноста за сомнежите што се отворија околу грижата за живиот свет во најстарото езеро во Европа и едно од најубавите. Но, за тоа е потребна соработка и од институциите од кои очекуваме да демонстрираат одговорност и отчетност на сите прашања од интерес на граѓаните, на која впрочем и се обврзале кога ги презеле функциите за да можеме точно да утврдиме дали има какви било злоупотреби при порибувањето на Охридското езеро, но и да ги дознаеме сите опасности кои демнат над живиот свет во него.