9.8 C
Skopje
Monday, September 27, 2021

ЕУ ја стави Македонија на листата безбедни земји од Ковид-19, уште 421 активен случај

Најчитани вести

Амбасадорите на ЕУ вчера се согласија да се укинат рестрикциите за несуштински патувања за државјаните на неколку држави, меѓу кои и Македонија.

Одлуката треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи во сила, најверојатно во петок.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека одлуката на Европската Унија за олеснување на патувањата на нашите државјани доаѓа по стабилизацијата на состојбата со вирусот во државата. Но, предупредува дека пандемијата сè уште не е завршена и оти треба да се придржуваме кон мерките за заштита.

– Европската Унија одлучи да ги олесни ограничувањата за патување на нашите државјани, на што се согласија сите 27 членки на блокот. Оваа одлука на ЕУ доаѓа по стабилизација на состојбата со вирусот во државата. Продолжуваме будно да ја следиме епидемиолошката состојба во земјава. Апелирам до граѓаните дека сè уште важат основните мерки за заштита од вирусот Ковид 19. Пандемијата не е завршена кај нас, во земјите во регионот, па и насекаде во светот, сè уште има активни случаи и новозаразени, што на еден начин е потенцијална закана за можен удар од вирусот, затоа треба да се придржуваме кон мерките за заштита, напиша министерот Филипче на Фејсбук.

Вчера, германската агенција ДПА објави дека Европската унија треба постепено да ги олесни корона ограничувањата за влез за патниците од САД и седум други земји по договорот од средата меѓу 27-те земји-членки.

Патниците од САД, Албанија, Хонгконг, Либан, Макао, С.Македонија, Србија и Тајван треба полесно да влегуваат во Унијата, изјави португалското претседателство со ЕУ за германската агенција.

Лицата кои ќе сакаат да патуваат треба да бидат или целосно вакцинирани со вакцина одобрена од страна на ЕУ или на Светската здравствена организација. Доколку не се вакцинирани, треба да приложат негативен ПЦР тест.

Вчера, во државава повторно немаше починато лице од Ковид-19. Беа регистрирани 15 новозаразени од коронавирусот од направени 2.802 тестирања.

Од новите 15 случаи, пет се во Кичево, Скопје – 4, Тетово – 3, Прилеп, Охрид и Делчево – по 1.

Регистрирани се и 14 оздравени пациенти: од Скопје – 11, Куманово, Гостивар и Кичево – по 1.

Досега во земјата се направени вкупно 841.125 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.583, бројката на оздравени пациенти е 149.690, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 421. Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 167 активни случаи, Куманово – 49, Кичево – 34, Прилеп – 32, Тетово – 32, Охрид – 22, Битола – 16, Гостивар – 13. Во девет градови нема Ковид-19, во Валандово, Крушево, Македонски Брод и Македонска Каменица само по еден активен случај.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови во државата. Завчера биле аплицирани 5.611 вакцини. На веб-платформата vakcinacija.mk, досега за вакцинација се пријавени 452.093 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 263.083 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.606 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 5.611 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 458.131 дози вакцини, а ревакцинирани се 195.048 граѓани.

– Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Од вчера беше целосно укинат и полицискиот час. Угостителските објекти повеќе немаат ограничување во работното време, свадбите ќе може да се организираат со повеќе од 100 гости, а дозволени се настани, концерти и забави во клубовите и локали само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Во светот досега се заразија од коронавирусот околу 178 милиони жители, починаа над 3,8 милиони и оздравеја 162 милиони лица.

Европската агенција за лекови (ЕМА) објави позитивен извештај за резултатите од клиничките испитувања на руската вакцина „Спутник В” против коронавирус, соопшти вчера Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ).

Дадени се сите податоци за клиничките испитувања на „Спутник В”, GCP (добра клиничка пракса) инспекцијата е завршена и добиена е позитивна проценка од Европската агенција за лекови (ЕМА), наведе РДИФ.

-Податоците за одложување на одобрувањето на руската вакцина од страна на ЕУ не ја одразуваат реалноста, нагласи РДИФ.

Временската рамка за добивање на одобрување на „Спутник В” од ЕМА стана предмет на постојани шпекулации во медиумите, кои се повикуваат на анонимни извори на информации, изјави рускиот фонд, додавајќи дека овие шпекулации немаат никаква врска со реалноста и го забавуваат процесот на регистрација.

Експертизата продолжува, не се зборува за никакви одложувања, иако одлуката за времето на одобрување е надлежност на ЕМА, тимот на „Спутник В” очекува да добие регистрација на вакцината во рок од два месеци, наведува РДИФ.

Aмериканската Влада купува дополнителни 200 милиони дози на вакцини против Ковид-19 од Модерна. Ова го зголемува вкупниот број на вакцини нарачани од Вашингтон на 500 милиони, а испорачани се 217 милиони дози.

Уште 110 милиони дози треба да бидат испорачани во четвртиот квартал на 2021 година и 90 милиони во првиот квартал на 2022 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com