Јасно е дека во Македонија има разочарување за предолгиот процес на пристапување во Европската унија, рече евроамбасадорот Дејвид Гир говорејќи на панел дискусијата посветана на ЕУ и Западниот Балкан. Тој порача дека земјава и натаму треба да се фокусира на потребните реформи.
„Јасно е дека е во наш и ваш безбедносен, просперитетен и демократски интерес заедно да бидеме во Унијата. Вистински напредок беше постигнат минатата година со почетокот на преговорите за пристапување, скрининг процесот е во тек и сега фокусот треба да биде на спроведување на реформите потребни за пристапување на земјава во ЕУ“, рече Гир.
На панелот преку видео врска се обрати и еврокомесарот Оливер Вархеи кој рече дека Европската унија работи за да му помогне на регионот за интеграција во Европската унија.
„Можете да сметате на нашата посветеност и поддршка за Западен Балкан. Работиме напорно да му помогнеме на регионот со нови можности за бизниси и граѓани и да го исполниме ветувањето за Западен Балкан да влезе во ЕУ.“, изјави Вархеи.