9.8 C
Skopje
Monday, October 18, 2021

ЕУ за сите шест земји од Западен Балкан ќе даде 30 милиарди евра

Најчитани вести

Самитот ЕУ-Западен Балкан не донесе конкретен рок за влез на земјите од регионот во ЕУ, иако домаќинот Словенија ја предложи 2030 година, па како утеха за шесте земји од Западен Балкан, ЕУ претстави Економски и инвестициски план (ЕИП) со кој се предвидуваат 30 милијарди евра помош во наредните седум години.

Според наведеното во декларацијата од Самитот во Словенија, 9 милијарди евра се грант, а остатокот ќе бидат инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан.

Со овие средства, ЕУ сака „да ги стимулира долгорочното, зелено социоекономско закрепнување и конкурентноста на регионот, да ја поддржи неговата зелена и дигитална транзиција, да ги поттикне одржливата поврзаност, регионалната интеграција, трговијата, со што ќе ги зајакне соработката и конвергенцијата со ЕУ, вклучувајќи ги и целите во однос на климата“.

За споредба, Бугарија ќе добие 29 милијарди евра од новиот инструмент на ЕУ за закрепнување од коронакризата и долгорочниот буџет на ЕУ во следните 7 години, Дополнително, според политиката за кохезија на ЕУ, Бугарија во наредните седум години ќе добие уште 9 милијарди евра. Тие пари посиромашните земји на ЕУ треба да ги користат за да се намали економската нерамномерност со побогатите членки и земјите-основачи на Унијата. За сервисирањето на долгот на Бугарија гарант ќе биде целата Европска унија.

Ваквата разлика во помошта од ЕУ ќе го зголеми јазот меѓу земјите членки и кандидатите за членство, особено што Бугарија е најсиромашна земја во ЕУ. Така, држејќи го Западниот Балкан изолиран од континентот, ЕУ ќе придонесе овие шест држави да остануваат се посиромашни во однос на другите држави во Европа и од економскот јаз ќе направат провалија. За споредба, бруто домашниот производ (БДП) на шесте држави со нивните околу 17 милиони жители е помал дури и од оној на Словачка со 5,5 милиони жители, додека по глава на жител е меѓу 20 и 40 отсто од просекот во Германија.

На Самитот, лидерите од Западен Балкан веќе не го криеја разочарувањето од 18 години тапкање во место кога се во прашање евроинтеграциите.

Албанскиот премиер Еди Рама побара од ЕУ да не го дели Западниот Балкан од плановите за справување со големи кризи, како што се пандемијата и енергетската криза. Тој потсети дека регионот беше изоставен од шемата на ЕУ за дистрибуција на првите дози од вакцините против ковид-19, па земјите беа принудени да се свртат кон Кина, Русија и Турција, земји за кои во ЕУ многу се зборува како непосакувани актери во регионот.

Тој побара од ЕУ целосно да го поддржи проектот Отворен Балкан, кој е иницијатива на Албанија, Македонија и Србија и на тој начин да спречи Берлинскиот процес да стане сенка на себеси и да се претвори во турнеја на годишни самити низ Европа, кои само ќе се повторуваат и нема да донесат ништо ново.

Како што кажа Рама, преку Отворен Балкан се реализираат четирите слободи на ЕУ во регионот, без да се чека цел живот на интеграцијата во ЕУ за целосна слобода на движење на луѓе, стоки и капитални услуги. Тој вели дека Отворен Балкан е инспириран од Берлинскиот процес и нема потреба никој да се противи со патерналистички пристап или збунувачки соопштенија.

Со Отворен Балкан, вели Рама, земјите покажаа ново ниво на зрелост, добиено низ Берлинскиот процес и волја да се земе иднината во свои раце, без чекање на „родителски средби“, како и избегнување на разни вета.

Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека Србија, иако е на европскиот пат, мора да води сметка за себеси и за односите со Русија и Кина, и никој не може да ѝ замери што сака да преживее.

„Сакам да верувам дека иднината на Западен Балка навистина е во Европската унија, но никој нема право да ни замерува што сакаме да живееме и да преживееме“, кажа Вучиќ по Самитот.

Македонскиот премиер Зоран Заев кажа дека ЕУ мора да најде формула како да го одржи својот збор и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан.

„Граѓаните на Северна Македонија ќе видат огромен неуспех во политиките на Унијата доколку итно не им се испорача европската перспектива. Овој процес нема алтернатива, и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија“, изјави Заев по Самитот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com