Жителите на Талин, главниот град на Естонија, секојдневно „паѓаат во несвест“ читајќи ги цените низ маркетите и продавниците
На еден пазар во близина на центарот на Талин, каде се продава во главно конзервирана и спакувана храна, младата 19-годишна студентка Ана Кордеј раскажува за „Политико“ како цените во земјата вртоглаво пораснаа, и како луѓето реагираат на инфлацијата.
„Луѓето навистина не се задоволни од висината на цените. Тие ме обвинуваат мене бидејќи јас стојам пред производите, но знаат дека јас не можам да им помогнам“ вели Кордеј.
Инфлацијата во Естонија во главно е предизвикана од руската инвазија врз Украина и последиците од пандемијата. Ваквите последици ја направија инфлацијата во Естонија највисока во Европа. Според новите податоци на „Евростат“, забележан е раст од 22,7 отсто на годишно ниво.
Цените во останатите 19 земји кои го користат еврото годинава се зголемија за 8,9 отсто до крајот на јули.
Кордеј, младата продавачка на овошје, вели дека малините кои лани биле 7 евра за кило, сега се речиси 11 евра.
Цените на горивата во Естонија исто така се погодени од инфлацијата. Бензинот таму изнесува 2 евра за литар, што е блиску до рекордот во Европа.
Манвел Мусаелјан, продавач на автомобили, за „Политико“ вели дека високите цени на автомобилите се „срамни“.
„Ова е срамота. Нешто мора да се преземе, Владата мора да ги намали даноците. Вака не можеме да продолжиме“ вели тој.
Проблеми за Владата
За Владата на Естонија, која за шест месеци се соочува со нови избори, притисокот расте.
Премиерката Каја Калас се задржа до прилично строгата фискална политика откако лани дојде на власт, и јасно стави до знаење дека има за цел да продолжи да ги ограничува трошоците.
Таа е свесна дека давањето владини пари на посиромашните семејства може да доведе до поголема побарувачка во економијата што ќе предизвика нов излив на инфлација. Во исто време, таквите плаќања би додале до државниот дефицит.
По самитот на лидерите на ЕУ на крајот на јуни, Калас ги повика владите на ЕУ да соработуваат со централните банки за да се справат со глобалните сили – војната во Украина и последиците од пандемијата – зад високата инфлација и затемнетите изгледи за економски раст.
„Ние сме во тешка ситуација која бара внимателни чекори“, рече Калас.
Според најновите официјални прогнози на Банката на Естонија, во јуни земјата очекува инфлација во просек од 15,4 отсто во 2022 година и 4,3 отсто во 2023 година.
Гневот на граѓаните
Компаниите и бизнисите во Естонија различно ја толкуваат инфлацијата. Така, некои бизниси одговорот го најдоа во покачувањето на цените на нивните продукти.
Голем дел од вработените почнаа да бараат повисоки плати од работодавците. Естонскиот портал „Арипаев“ неодамна објави дека шведската компанија „Ериксон“ е под притисок од вработените, кои бараат повисоки плати.
Ако компаниите продолжат да ги зголемуваат цените, а работниците продолжат да бараат повисоки плати, тоа може да создаде долгорочна главоболка за централните банки и креаторите на фискалната политика.