Home » ЕСМ го потврдуват скандалот за Журнал: Последното порибување на Охридското езеро со јагула е во 2019 година

ЕСМ го потврдуват скандалот за Журнал: Последното порибување на Охридското езеро со јагула е во 2019 година

by Журнал.мк

Откако редакцијата на Журнал врз основа на информации од загрижени граѓани објави дека Охридското езеро неколку години наназад не е збогатено со подмладок од јагула од компанијата АД Електрани на Северна Македонија ( ЕСМ ) одговорија дека последното порибување било во 2019 година.
Иако ова звучи скандалозно, сепак од ЕСМ се оправдуват дека тоа било поради пандемијата.

„Порибувањето на Охридското езеро со јагула го вршиме, традиционално, на секои две години, со двојно количество на порибителен материјал. Последното порибување беше пред четри години, во 2019 година, по што следуваше период на ограничени и отежнати општествено – економски околности, предизвикани од ковид пандемијата“, велат од АД Електрани на Северна Македонија за Журнал.

Од компанијата објаснуваат дека постапката за порибување на Охридското езеро со јагула се реализира согласно Законот за јавни набавки. Во текот на изминатите неколку години, поништена била само јавната набавка која била објавена минатата година бидејќи, како што велат од ЕСМ, не била доставена ниту една понуда.

„Одлуката за избор на економски оператор, во било која јавна набавка, ја носиме согласно Законот за јавни набавки и одредбите наведени во тендерската документација за предметната набавка. Порибувањето на Охридското езеро со јагула се врши во присуство и со одобрување на претставници од сите релевантни институции во Република Северна Македонија: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за земјоделство, инспектор по рибарство, Државен инспекторат за земјоделство, официјално ветеринарно лице, претставник од мрестилиштето. Наведените институции се одговорни за утврдување на типот, количината, квалитетот и здравствената состојба на порибителниот материјал“, велат од ЕСМ на нашето прашање дали при постапката на порибување се испочитувани европските стандарди и дали јагулата потекнува од отворени води.

Последното порибување со подмладок на јагула во 2019 година, како што објавивме претходно, било извршено со европска јагула-Angulija. Тогаш во Охридското езеро биле пуштени вкупно 29. 421 парче подмладок на јагула со вкупна тежина од 865 килограми.

Во врска со сомнежите дека наводно компанијата која по спроведениот тендер ја добила работата, а нема соодветна лиценца од ЕСМ велат дека поседувањето на лиценца и други документи, согласно законските и подзаконските регулативи, го контролира Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Од увозот на јагулата, процесот на карантин и сите пропратни испитувања, надлежноста е во рацете на МЗШВ кое, впрочем, дава дозвола за порибување“, се вели во одговорот на ЕСМ до редакцијата на Журнал.

Инаку, пракса во минатото било во Охридското езеро да се пуштаат на две години 100.000 јагули.
Порибувањето се спроведува од далечната 1965 година, откако со изградбата на хидроцентралите бил попречен природниот пат за мрест на јагулата до Саргаско море и повторното враќање во Охридското Езеро, па затоа државата презела обврска да дополнува со количество подмладок за да не се наруши рамнотжата на живиот свет.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More