17.8 C
Skopje
Monday, June 14, 2021

Епидемијата со ковид-19 во земјата се стабилизира, се чекаат вакцините

Најчитани вести

Бројот на оздравени пациенти и на нови случаи на ковид-19 во земјава се намалува, а тоа според Министерството за здравство покажува дека состојбата со епидемијата се стабилизира.

Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари стои дека процентот на позитивни од тестирани изнесува 16 отсто, што споредено со средината на декември (извештај на ИЈЗ за периодот од 14 до 20 декември 2020 г.) е намалување од 13,3 отсто, кога процентот изнесувал 29,3 отсто.

Во истиот извештај од декември бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 отсто. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.

Во оваа насока е и вчерашната ковид-статистика според која од направени 1.906 тестирања во претходното деноноќие, беа регистрирани 356 нови случаи на коронавирусот, како оздравени беа забележани 587 пациенти, додека починати 15 лица. Меѓу починатите е и 36-годишно лице од Тетово.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89.817, бројката на оздравени пациенти е 75.387, на починати е 2.754, а бројот на активни случаи изнесува 11.676. Од активните случаи, во Скопје се 6.767, Куманово – 429, Тетово – 463, Охрид – 387, Струмица – 360, Кавадарци – 365, Гостивар – 308, Велес – 307. Во другите градови има помалку од 300.

Еден од клучните индикатори за смирување на епидемијата е и бројот на хоспитализации на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјата. На инфективните оддели во земјава вкупно се лекуваат 610 пациенти со ковид-19, има околу 603 празни болнички кревети, а за споредба, на 22 декември лани година во болниците низ земјава вкупно се лекуваале 1.145 пациенти.

Вчера, во ковид-центрите во болниците низ земјава беа хоспитализирани вкупно 330 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во Скопје 280 лица.

По значителното намалување на бројот на хоспитализации, затворени се ковид-центрите на Клиниката за очни болести и Клиниката за уво, нос и грло, а клиниките се враќаат на својата редовна работа, велат од Министерството за здравство и порачуваат граѓаните да останат одговорни и да продолжат доследно и целосно да се придржуваат до мерките за заштита од ковид-19 и превенција од натамошно ширење на вирусот.

Од Министерството за здравство додаваат дека се целосно подготвени за процесот на вакцинација, а први ќе се вакцинираат здравствените работници.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека првите вакцини од „Фајзер“ и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз.

„Не постои законска пречка за прием на вакцините против ковид-19 во нашата земја. Првите дози на вакцината ‘Фајзер‘ која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8.000 дози вакцини кои од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја, ќе бидат со интервентен увоз. Измената на Законот за лекови е поради глобалната политика на ‘Фајзер‘ кои инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво кое е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, Србија е единствената земја во целиот регион каде има локално претставништво на „Фајзер“ и тоа на некој начин им ги забрза работите.

„Но, и тоа не е пречка. Свесни дека е таква нашата законската регулатива, производителот Фајзер, се согласи првите количини вакцини кои ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија да дојдат со т.н интервентен увоз, за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација“, рече Филипче, додавајќи дека во моментов се чека одобрување од компанијата „Фајзер“ за интервентен увоз, за вакцините од Република Србија.

„Тоа значи дека компанијата Фајзер води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји“, додава тој.

Што се однесува до вакцините кои во земјава треба да стигнат преку Ковакс механизмот, Филипче вели дека на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцини ќе стигнат во нашата земја.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести