29.8 C
Skopje
Saturday, May 21, 2022

Енергетската сиромаштија ќе удри посилно – Мерките несоодветни, граѓаните незаштитени

Најчитани вести

Рекордни цени на енергенси, намален животен стандард и здраствени ризици. Во Македонија тешко е да се дојде до точната бројката на граѓани погодени од енергетската сиромаштија бидејќи нема база на податоци, но се проценува на околу 30% од населението и тука не влегуваат само примателите на социјална помош, туку и средната класа.

Без системско истражување се носат краторочни или во време на енергетска криза „ад хок“ мерки кои само го ублажуваат проблемот на ранливите потрошувачи, но и не го решаваат. Енергетската сиромаштија по тешката грејна сезона, ќе се почувствува и во текот на летото кога домаќинствата нема да можат да го разладат домот или да обезбедат топла вода за хигиенски потреби. Цените на струјата и енергенсите можеби ќе се стабилизираат, но секако ќе бидат повисоки од пред кризата, а проблемите кои не се само социјални, ниту само технички, ќе продолжат и понатаму без соодветни мерки.

Др. Ана Стојиловска, истражувач од Центар за општествени науки и Центар за извонредност на унгарската академија на науките, во анализата за Фактор посочува дека последица на енергетската сиромаштија се граѓани кои не добиваат решенија од институциите со што со зголемува јазолот кај ранливите потрошувачи, а притоа се зголемуваат здравствените ризици.

Како енергетската криза во изминатата година во Македонија влијаеше на енергетската сиромаштија?

Стојиловска: Енергетската криза значи зголемување на цената на енергија, а тоа директно ја засега енергетската сиромаштија која е резултат на високи цени на енергија, ниска енергетска ефикасност во домувањето и ниските приходи во домаќинствата. С. Македонија во периодот 2020-2021 бележи најголемо зголемување на цената на електричната енергија и на природниот гас за домаќинства во регионот на Западен Балкан, што значително ја зголемува материјалната и енергетската обесправеност на домаќинствата, и турка повеќе домаќинства во енергетска сиромаштија. Исто така, секоја криза (пандемијата, енергетската и војната во Украина) го става на тест институционалниот капацитет на државата за подобрување на пазарот на енергија за домаќинствата и зајакнување на социјалната заштита. Енергетската криза укажа дека се повеќе граѓани се во ризик од исклучување од снабдувањето со електрична енергија.

Грејната сезона веќе заврши, но претстои летната сезона кога ќе се користат уреди за разладување. Колку лица спаѓаат во групата на ризик од енергетска сиромаштија и зошто опфатот треба да биде многу поширок само од примателите на социјална помош?

Стојиловска: Така наречената летна енергетска сиромаштија се фокусира на обременување на домаќинствата со трошоци за ладење кои би растеле поради зголемената потреба за ладење како резултат на последиците од климатските промени. Бројот на енергетски сиромашни лица зависи од мерката. Според еден од најкористените индикатори, во 2019 година енергетската сиромаштија прикажана преку неможноста да се згрее домот била 33.1% во С. Македонија. Секако, овој податок е многу поширок од бројот на приматели на социјална помош бидејќи не само најсиромашните, туку и средната класа во државата страда од енергетска сиромаштија. Ова не значи дека една третина од населението треба да биде на социјална помош, туку дека соодветни мерки треба да се преземат за различни категории на домаќинства.

Што треба да преземат институциите за справување со проблемот и дали постои анализа на досегашните преземени мерки, каков е нивниот ефект, колку средства се потрошени и дали тие програми треба да се евалуираат?

Стојиловска: Институциите се ставени пред огромен предизвик бидејќи енергетска сиромаштија е длабоко вкоренета во македонското општество и потребни се темелни и долгорочни мерки. Најпознатата мерка е субвенцијата за енергетска потрошувачка, сега преименувана во заштина на ранливи потрошувачи, која изнесува 600 или 800 денари месечно за ранливи потрошувачи, а вкупниот буџет за 2022 година е 60 милиони денари (речиси 1 милион евра), а вклучува и неколку услови за гарантирање на снабдување на енергија.

Оваа мерка е претежно финансиска и има ефект на ублажување на материјалната депривација, но не овозможува никаква можност за излез од ситуацијата. Од друга страна, има ред мерки насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот или зголемување на енергетската ефикасност, како на пример субвенциите за замена на печка, замена на прозорци или инсталирање на сончев колектор, но истите немаат никаква социјална димензија, и резултатот е финансирање на лица кои можат да си ги дозволат овие мерки.

Евалуација е потребна во однос на спојување на енергетските (технички) и социјални мерки. На пример, енергетските треба да имаат социјална димензија, на пример квота на семејства со ниски примања, а субвенциите за ранливи потрошувачи треба да вклучат мерки за подобрување на домувањето и апаратите на тие ранливи лица. Дополнително, треба да му се даде поголема улога на Народниот правобранител кој во последните 20 години будно ја следи ситуацијата со енергетскиот пазар за домаќинства и социјалниот систем, и повторува дека не треба да има исклучување на домаќинства само за една неплатена сметка, и дека монополите во снабдувањето со енергија (ЕВН и БЕГ) не треба да ја злоупотребуваат својата монополска позиција на сметка на енергетската обесправеност на ранливите домаќинства.

На што се работи во периодов за идентификување на слабите точки на системот, и дали има база на податоци според која може да се креираат соодветни политики и конкретни мерки?

Стојиловска: База на податоци би била одлична идеја. Но, најпрво потребно е релевантните институции да формираат мешана работна група за да разменат мерки и да ги адаптираат за потребите на ранливите групи. Релевантни би биле Министерството за економија, Министерството за труд и социјална работа, но и Министерството за животна средина и Министерството за здравство и други поради поврзаноста на енергетската сиромаштија со различни политики, како физичко и ментално здравје, социјални, енергетски прашања, даноци и сл.

Исто така, потребно е вклучување и на знаењата на самите енергетски сиромашни лица бидејќи истите се вешти во штедење на енергија и изнајдување на различни стратегии кои го нормализираат субстандардното живеење.

На пример, од моето истражување во 2017 година (пред кризата) само во Скопје околу една третина од домаќинствата греат само една соба во домот. Особено важно е улогата на огревното дрво кое е омилен начин на греење бидејќи е најевтино, и овозможува греење по потреба според потребите на домаќинствата. Но, греењето на дрва во неефикаани стари печки значи навикнување и прифаќање на тој редуциран начин на живеење. Од 2019 до 2020 во С. Македонија за 2% е зголемена потрошувачката на дрва кај домаќинствата, што значи дека особено за време на криза тие се потпираат на најевтиниот начин на греење.

Згора на се, во тек е енергетската транзиција што значи заменување на јагленот и нафтата со обновливи извори. Овој процес треба да е анализира од аспект на тоа како би ги засегнал граѓаните (не само ранливите), бидејќи со мерки на пример за обновливи извори кои финансираат неколку компании да постават фотоволтаици, таа субвенција се финансира преку сметката за електрична енергија која ја плаќаат сите граѓани, што дополнително ја зголемува цената на електричната енергија.

Тоа е неправедна транзиција, и потребно е тие мерки да се прошират, на пример овозможување на граѓани да постават фотоволтаици на својот кров и мерки за поддршка на истото.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com