Силно невреме го опустоши Берлин. Поплавени улици, откорнати дрвја. Невремето се спушти и на северот од Италија. Ломбардија претрпе сериозни штети. Во бурата има загинати и повредени. На југот од земјата и натаму гори. Аеродромот Палермо на Сицилија остана затворен.
Ново невреме со ветришта од 100 километри на час ја зафати Словенија и дел од Хрватска. Паѓаше и град со големина на орев.
Хрватските пожарникари цела ноќ гасеа пожари во близина на Дубровник кои се закануваа да ги пеплосаат куќите. Црвен метеоаларм е издаден и на територијата на истокот и југоистокот на Србија.
Во Грција продолжува битката со пожарите на Крф, Евија и Родос. Ситуацијата на Родос е подобрена поради тоа што нема силен ветер, но и натаму е критично. Властите прават напори да ги извлечат туристите од патеката на пожарот.
„Се соочуваме со нова реалност, во просек дневно има над 50 нови пожари. Според проценките, 19.000 луѓе биле превезени на безбедни места. Ова е најголемата операција за евакуација во земјата“, изјави Павлос Маринакис – портпарол на влада на Грција.
Туристите кои безбедно пристигнаа дома раскажуваат за ужасот што го поминале.
„Тоа беше апсолутен кошмар, луѓе кои врескаа, плачеа, носеа мали бебиња и деца. Се обидуваа да ги влечат куферите. На крајот ни беше кажано дека автобусите не можат да поминат и дека мораме да одиме пеш околу пет милји, сè не болеше“, изјави Елин Џонстон – британска туристка.
„Добивме тревога дека треба да се евакуираме, иако велеа дека не мораме. Решивме да почнеме да се пакуваме. Мило ми е што сум дома“, рече Лиз Шарок – британска туристка.
Стотици доброволци, меѓу нив и туристи, се обидуваат да го расчистат теренот.
„Ова е областа каде што почна пожарот минатата недела. Во далечината, пожарникарите сè уште се борат со стихијата што беснее. На јагленосаните ридови кај Аполона, стотици доброволци работат за да го спречат пожарот повторно да се разгори“, рече волонтер.
И додека беснеат пожари и невреме, во Турција нов земјотрес со јачина од 5,5 степени ја погоди Адана. Засега нема информации за евентуални штети и жртви.