Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека ниту една земја од Западен Балкан нема да добие таргетирана помош како компензација за санкциите кон Русија зашто веќе постојат фондови на ЕУ за поддршка на земјите од Западен Балкан.
Македонија нема да добие парична помош од ЕУ за надоместување на економските штети од санкциите што ѝ ги воведе на Русија, усогласувајќи се со европската казнена политика по руската инвазија врз Украина. Тоа неодамна го потврди портпаролот на ЕУ Петер Стано, кој од Брисел се заблагодари што Македонија и Албанија се стопроцентно усогласени со санкциите кон Москва и додаде дека ниту една земја од Западен Балкан нема да добие таргетирана помош. Како што јави МИА, Стано рекол дека Унијата не предвидува компензации за санкциите кон Русија зашто веќе постојат фондови на ЕУ за поддршка на земјите од Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, вчера рече дека прашањето за директна финансиска помош од ЕУ во услови на економска криза било отворено на средбите на премиерот Димитар Ковачевски со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но досега нема повратен одговор.
Економска штета за политички бенефит
Повеќе аналитичари деновиве се согласија дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ и нема некој избор освен да се усогласи со санкциите што Унијата ѝ ги наметнува на Русија и покрај тоа што се на наша економска штета. Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социете цивилис“ потенцира дека ние не сме присилени да се усогласуваме со санкциите, затоа што тие не се критериум што мора да го исполниме како кандидати, туку тоа го правиме според сопствена проценка и желба.
– Ние самите одбираме да се приклучиме затоа што очекуваме одредена политичка корист. Ние и со САД се усогласувавме во врска со комуникациската инфраструктура по нашиот прием во НАТО, кога не можевме да набавиме опрема од кинескиот бренд „Хуавеи“, кој има поевтини и квалитетни уреди. Значи и тогаш имавме определена економска штета. Така што, синхронизацијата со европските казни кон Русија нам ни носи економски штети, но и политички бенефит. Но, гледаме, пак, дека во однос на ЕУ ниту тој политички бенефит засега не го добиваме и блокадата од Бугарија за нашите преговори за членство останува. Со тоа дополнително се урива кредибилитетот на ЕУ во Македонија, затоа што се согледува дека ова е процес во кој само едната страна презема чекори, нашата страна, а другата страна не – вели Трошановски за „Слободен печат“.
Тој смета дека пробив кон ЕУ е можен до јуни, до крајот на француското претседателство, но во услови кога нема транспарентност за содржината на разговорите, не може да се процени состојбата.
– Очигледно е и дека во последно време, по инвазијата на Русија во Украина, се намалени изјавите од европските политичари и дипломати со кои се врши јавен притисок врз Бугарија, која е важна геостратегиска точка за оваа војна. Но, затоа притисокот кон двете земји да се реши проблемот е сè поголем. Пробив до јуни е можен, но ние во услови кога нема транспарентност за разговорите, не може да се процени исходот – вели Трошановски.
Преговорите продолжуваат на 23 и 24 март
Шефот на дипломатијата Османи најави дека следната тура политички разговори ќе се случи на 23 и 24 март во Скопје, каде што ќе допатува неговата бугарска колешка Теодора Генчовска. Министерот и натаму не открива никакви детали од содржината на разговорите со Софија, само повтори дека „нема да газиме по нашите црвени линии за некој да биде задоволен со датум“ и дека во разговорите се држат до позициите усвоени од Парламентот, кои им се поважни од тоа дали преговорите ќе почнат „еден ден побрзо“.
Коментирајќи ја изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел дека не може да вети датум, ама може да вети волја за преговори, Османи рече дека европретставникот не е одговорен за проширувањето во Унијата и не може од него да се очекува да даде ветување за датум, но неговата посета е значајна.
– Одлуките за отпочнување преговори и за проширување, ги носат 27-те земји членки. Ние имаме преземена обврска од 26 членки и имаме отворено прашање со Бугарија, кое се обидуваме да го надминеме – рече Османи.
Тој рече дека разговорите на работните групи се конструктивни и постојано се продуцираат нови проекти, што е важно за да се создаде една рамка на доверба во која потоа ќе се адресираат политичките прашања.
Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент, деновиве изјави дека интеграцијата на Западен Балкан во НАТО и во ЕУ треба да биде стратегиска цел на Бугарија за да имаме безбеден и просперитетен регион, кој е соодветен на високите европски стандарди.
– На оние што велат дека сега не е време за таков разговор, би им го кажал токму спротивното: сега повеќе од кога било е понеопходно да се води тој разговор и да бидат преземени конкретни активности. „Брза процедура“ за влез би била погодна и за земјите од Западен Балкан, затоа што регионот е многу чувствителен на надворешно влијание. И ако држави со големо влијание можат да си дозволат да дестабилизираат една држава како Украина, зошто да не можат да го направат тоа и во нашиот регион, токму во Западен Балкан – вели Ќучук за бугарските медиуми.
Тој додаде дека билатералните односи се важен момент за започнувањето на преговорите и дека од пакетот „четири плус еден“ клучот е токму во единицата, која се однесува на внесување на Бугарите во Уставот на РС Македонија.
Рот: Македонија и Албанија да почнат преговори
Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими како Русија, Кина или Турција ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес – изјави вчера германскиот пратеник Михаел Рот.
– Дојдено е времето Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ – рече Рот, кој е поранешен министер за европски прашања на Германија.