Започна модернизацијата на уредите на електродистрибуција во липковското село Слупчане. Екипите на ЕВН се на терен и без проблеми работат на замената на броилата, столбовите. Компанијата добила уверување дека вработените ќе можат да работат, откако се надминати недоразбирањата со мештаните. Од месната заедница задоволни, исполнети се две од барањата. На жителите на Слупчане, кои се и корисници на социјална помош, ќе им биде овозможено заостанатите сметки да ги плаќаат на рати. Но, исполнето е и барањето на сметка на компанијата да биде доставувањето на мрежата до новите мерила.„Се договориме да ги плаќаме сметките како и сите граѓани во земјава, да има струја за сите, секој кој сака да гради нова куќа ЕВН е должна да овозможи до таму столбови, што е нормално. Ние ќе платиме колку што ќе трошиме, како сите граѓани во Македонија, не сакаме да бидеме црна точка како што не претставуваат“, истакна Зекирија Шаини, претседател на Совет на Општина Липково.Од Слупчане демантираат дека само 20 отсто од населението плаќа сметки, иако компанијата излезе со информација дека трпат огромни загуби. Нагласуваат дека над 60 отсто од мештаните ја намируваат обврската.„Мрежата во Слупчане е изградена по конфликтот во 2001-ва година и од тогаш ништо не е ставено. Овие трафостаници се од тогаш, има големи проблеми со столбови и слично но ЕВН вети дека ќе интервенира“, дополни тој.Проблемот на жителите со ЕВН датира неколку месеци. Дел од мештаните реагираа сами, па во неколку наврати селото како и соседните, останаа без струја.За решавањето на проблемот помеѓу жителите на Слупчане и екипите на ЕВН, мораа да интервенираат и градоначалникот на Липково, како и министерот за економија.