20.8 C
Skopje
Saturday, June 19, 2021

ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДАРКО АНГЕЛОВСКИ – ШАБИ: Ќе се кандидирам за градоначалник на општина Аеродром!

Најчитани вести

Една од најмаркатните личности во македонскиот спорт, либерото на одбјкарската репрезентација на Македонија, Дарко Ангеловски – Шаби искрено и директно без „влакна на јазикот“ се отвори и кажа се што му лeжи на душа. Говоревме за „златната генерација“ на македонската одбојка и периодот кога беа вистински спортски спартанци, како и за интернационалната кариера.

Специјално за ЕКИПА.МК откри дека планира да се кандидира за градоначалник на општина Аеродром и како што вели да стане првиот градоначалник без коса. Голема љубов му е да стане пожарникар и ја искористи шансата да ги замоли градските власти да му ја исполнат желбата, а тој за возврат ќе го подари дресот од историскиот прв настап на Европското првенство.

Ангеловски ја претстави и својата приказна од т.н. скандал од Медитеранските игри во Мерсин, велејќи дека се било пренагласено, од луѓе кои се љубоморни на успехот и славата која ја има одбојкарската репрезентација.

Според популарниот Шаби, на политичарите полни им се устите по некој успех на спортистите, но кога треба да се покажат на дело знаат некогаш и да ги помешаат па да ги викаат малку „ракометарчиња“, малку „одбојкарчиња“.

Дел си од репрезентацијата која успеа да испише историја со тоа што се пласираше на првото Европско првенство. Што претставува за тебе целата оваа ера на македонската одбојка која досега е најуспешна?

Во репрезентација сум од 2011 година. Десет години видовме се и сешто, а пласманот на тоа историско прво Европско беше неверојатен успех. Првиот настап на Европско првенство беше нешто неверојатно. Со тој пласман на шампионатот во Словенија испишавме историја за македонската одбојка. Пречекот во Словенија беше неверојатен. Се што поминавме по автобуси низ цела Европа се исплатеше со учеството на европското каде за првпат се чувствувавме како господа. До тогаш немавме ништо. На шампионатот ни беше прво патување со авион. Добро знаете какоа станавме „Спартанци“ со 40 плус часа во автобус. Ја победивме Словенија домаќин пред 12 илјади публика. Па после таа победа искрено се чувствував како да сум светски шампион. Неверојатно беше чувството, не потценија мислеа дека лесно ќе не добијат, а на крајот ние победивме и тоа во нивниот дом. За издвојување се и квалификациите кои ги игравме во Полска за Светско првенство. Не победија лесно Полјаците, но тоа е нешто неверојатно, Полска живее за одбојка. Потоа таа генерација станаа и светски шампиони. Значи сум имал чест да играм против најдобрите. Со нашиот успех малку ја кренавме заинтересираноста на народот во Македонија за одбојка. Луѓе не препознаваат и навистина сум горд за тоа што го направивме. На пример кога ќе направевме успех порано траевме три дена, сега сме по една недела „фаци“ така да има напредок. Се разбира за жал има и некои работи кои не ми се допаѓаат. И покрај големите успеси што ги правиме некои луѓе и работи се променија. Порано имаше критериум за да станеш репрезентативец, сега веќе за жал нема.

СПАРТАНЦИТЕ СЕ „РОДИЈА“ ПО ОНОЈ ПОВЕЌЕ ОД 40 ЧАСА ПАТ ДО ПОЛСКА, СПИЕЊЕ КАЈ ЌЕ СЕ СТИГНЕ, МИЕЊЕ НА БЕНЗИНСКИ…

Ќе ни откриеш ли детали од тие 40 часовни патувања и што се правевте додека бевте во автобус?

Тие денови никогаш нема да ги заборавам. Тргнавме на Ф4 во Полска со расипан автобус. Сакавме да се вратиме и да не одиме. Во тие моменти искрено нема многу забава. Немавме ниту клима во автобусот, застанавме по пат на бензиска. Носев еден фудбал со мене и игравме фудбал, се додека топката не ни отиде во провалија и не можевме да ја земеме. Потоа се префрливме на карти и така полека, полека до Полска. Единствено нешто што сакавме во тој момент беше да стигнеме. Ништо повеќе. Kога излеговме од автобус не знам колку километража поминавме, но искрено тоа долго патување не сплоти. Буквално бевме како на апсолвентска екскурзија. Лудо беше спиевме кај стигнеме, се миевме по бензиски, типичен евро-трип. Освоивме прво сребро, а патувањето и успехот кој го направивме има голем потенцијал да се напише книга. Тоа лето настана и една нова македонска поговорка „Кај и да си, во автобус да си“.

Секогаш си подготвен за забава и некоја лудорија. Шаби ли е главниот мотиватор во репрезентацијата и човекот од кој почнува секоја забава?

Едноставно таков човек сум. Секогаш подготвен за добра забава и подигнување на атмосферата. Тие глупости што ги правиме најчесто почнуваат од мене. Играње оро по натпревари, забава, едноставно таков сум и мислам дека со тоа исто така многу допринесувам во репрезентацијата. Многу сакам да се дружам. На последните квалификации се запознав со репрезентативците од Босна и Херцеговина. Видовте на загревање пред мечот со Турција тоа беше вистинско шоу. Јас тренирам смеч-сервис, цела репрезентација на БиХ прави бранови и ме поддржува. Едноставно добрата атмосфера и добрата шега се секогаш клуч и за успех. Секако, кога треба да се тренира и да се игра тука сум целосно посветен на тоа, но убаво е кога се во животот се прифаќа на еден поопуштен начин.

Јошко Миленковски ве нападна по првиот пораз на ЕП дека немате квалитет за нешто повеќе. Како гледаш на тоа од денешна гледна точка?

Не сакам многу да коментирам за човек што не нападна. Сите изјави по првата победа беа само доказ да му покажеме кој квалитет сме. Никогаш не сме местеле натпревари и секогаш сме давале максимум кога бил настапот во репрезентацијата. Нема што повеќе да коментирам за него. Гледаме каде е сега тој Јошко Миленковски, каде сме ние како репрезентација. Повторно успеавме и повторно ќе играме на тоа Европско првенство, за кое нели не сме доволно квалитетни.

НАВОДНИОТ СКАНДАЛ НА МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ БЕШЕ ПРЕНАГЛАСЕН ОД ЛИЦА ОД МОК, ЉУБОМОРНИ НА НАШИТЕ УСПЕСИ

Јавноста ве нападна и за скандалот кој се случи на Медитеранските игри во Мерсин. Која е целосната приказна? Што навистина се случи во хотелот?

Скандалот во Мерсин, т.е таканаречениот скандал беше пренагласен од некои луѓе кои што беа љубоморни на успесите на одбојкарската репрезентација. Тие направија филм, дека сме биле пијани, дека сме се капеле во базенот, сме се карале дека цел хотел сме го дигнале на нозе… Немаше ништо врска од тоа. Тотално ништо од тоа не направивме. Вистинската приказна е дека еден колега кај ракометарките си остави папучи. Отиде да им тропа на врата, тие не сакаа да му ги дадат и почна да тропа по вратата. Во тој момент се појави Богоевски почна да вика и го испрати во соба. Потоа Поповски одма ги известил новинарите и знаете дека лошото побрзо стигнува од доброто и веднаш се прошири во цела Македонија како голем скандал. Искрено, сега да ги видам тие луѓе ќе им се заблагодарам. Во тој момент ни направија одлична реклама. Не дозна цела Македонија, не научија барем дека сме никакви, дека сме проблематични. Потоа во интервјуа кажував дека ако навистина сме проблематични и такви какви што не преставија, па нас и од Европско првенство ќе не избркаа, но добро знаете дека ништо такво не се случи. Искрено нив им беше криво што цела Европа го знае Никола Ѓоѓиев и тој беше ѕвездата таму, бидејќи луѓе сакаа да се фотографираат со него, а тие беа неважни.

ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ БЕВМЕ „РАКОМЕТАРЧИЊА“…

Дали и колку државата помага за големите успеси кои ги правите како одбојкари?

Премиите значеле или не значеле за моја лична сатисфакција, но сметам дека заслужуваме многу повеќе. Цела Европа говори за нас, а за жал не сме доволно почитувани во својата земја. Секогаш кога ќе направиме успех на политичарите полни им се устите со пофалби, ќе има премии ќе помогнеме на одбојката, за на крај ништо да не биде од тоа. Не вика на прием поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и ни ветува дека ќе добиеме премија од 500 евра од репрезентативец. Одиме на приемот и тој не дочекува со муабетот „Еј ракометарчиња“, на што претседателот му одговора дека всушност сме одбојкари, по што следуваше „Добро де одбојкарчиња ќе добиете по 100 евра премија, толку успеав да ви обезбедам“. И така е со сите. Истото беше и потоа со Дарко Каевски и со секој кој е на функција. Кога ќе направиме успех полни им се устите со пофалби, се фотографираат со нас, но кога треба да се покажат никаде ги нема. За пишување на статуси исто се тепаат кој побрзо да напише, а за премии и награди никаде ги нема.

ОД ОДБОЈКА НЕ СЕ ЖИВЕЕ, САКАМ ДА СУМ ПОЖАРНИКАР А ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ СУМ ВОДОИНСТАЛАТЕР

Многу пати досега потенцираш дека сакаш да станеш пожарникар. Дали таа желба уште постои кај тебе и со што друго се занимаваш покрај одбојката?

Искрено желба покрај одбојкава ми е да станам пожарникар. Ги имам положено сите обуки за тоа и некако премногу сум заљубен и во таа професија. Сакам да се пријавам на конкурс, па ако бидам добар и го поминам тестот би ми било чест да бидам пожарникар. Сум барал и од претходни градоначалници и сега истото го замолувам и сегашниот градоначалник. Сакам да ми биде дадена шанса, јас за возврат можам да дадам дрес од репрезентација со кој ја претставував Македонија на Европско првенство. Од кај да знаеме можеби еден ден ќе вреди многу. Од одбојка во Македонија не се живее. Не се срамам од ниту една работа. Во моментов му помагам на татко ми како водоинсталатер. Да се пофалам деновиве ќе го направам мојот прв тоалет. Си купив дрон и почнав да снимам со него и да правам видеа. Тоа е животот на еден одбојкар, мора да се снаоѓаш.

Има информации и дека влегуваш во политика и планираш да се кандидираш за градоначалник на Аеродром. Дали се подготвуваш за изборна кампања?

Точно е. Планирам да се кандидирам за градоначалник на Аеродром и сакам да бидам првиот градоначалник без коса на општина Аеродром. Луѓето секако ме познаваат во Аеродром и сакам да им покажам на политичарите колку всушност се тие сакани кај народот. Околу 20 илјади очекувам сигурни гласа. Се шегувам околу гласовите, но реално сериозен сум на темава. Навистина ќе се кандидирам оваа година во трката за градоначалник на Аеродром. Со мојот брат веќе почнавме да ја подготвуваме програмата, а како главна цел ќе ми биде отворање на Пожарникарска станица во општината. Мислам дека мојата кампања ќе биде досега нешто невидено. Имам многу другари кои може да ми помогнат и онака во стил да ја истераме целата. Едноставно ќе кажам само очекувајте го неочекуваното. Мој став е државава да ја водат спортисти и уметници ќе биде многу подобра отколку што ја водат политичариве. Па едно игралиште не знаат по димензии да го направат, не нешто повеќе. Работно време планирам да ми биде од 8 до 12, а потоа од 12 до 16 со велосипед да шетам по Аеродром да видам дали навистина се работи.

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е НАВИСТИНА НАЈГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ЦАР

Роден си на ист ден со Гоце Делчев, а со имиџот многу наликуваш на него. Дали се сметаш за одбојкарски Гоце Делчев?

Тоа што сум роден на ист ден со Гоце Делчев ми значи многу. Се настана со еден пост на фејсбук. Навивач на нашата репрезентација напиша статус „Гоце Делчев со пушка се бореше за Македонија, а ние го имаме новиот во одбојката роден на ист ден“. И од тогаш сум одбојкарски Гоце Делчев. За роденден дури добив торта со ликот на Гоце Делчев. Интересна анегдота е на подготовки станувам наутро во 7 и 30 и во тоалет седам и ја „гуглам“ последната фотографија на Гоце Делчев. Ја наоѓам фотографијата, а во тој момент во тоалет влегува цимерот и јас во 7 и 30 наутро му викам само „Каков цар бил Гоце Делчев“. Тоа беше шала целиот период што го поминавме заедно. Дефинитивно се воодушевувам каков цар, каков фраер бил Гоце Делчев.

Кај луѓето си познат како Шаби. Која е приказната за твојот прекар?

Шаби ми е прекар од мал. Во маало многу игравме фудбал и така секој од нас имаше прекар. Малку Чави, некој Чаби и на крајот бидејќи се зафатени излезе да биде Шаби. Тоа му доаѓа нешто како овие двајца за сиромашни. Игравме и кошарка како деца во маало, едноставно многу го сакам секој спорт и многу и следам. Многу сакав фудбал како дете, дури и едно време тренирав. На 15 години почнав со одбојка, на тренинзи со другарки од маало и некако ме привлече тој спорт иако не очекував дека ќе станам професионален одбојкар.

За крај имаше и интернационална кариера. Каква е популарноста на одбојката во другите земји, посебно во велесила како што е Србија?

Една година играв во Србија. Тоа е нешто неверојатно. Сите тимови, сите одбојкари играат за да влезат во А-репрезентација, а добро знаеме што е Србија во светската одбојка. 500% даваат тие момци за да влезат во репрезентација. Јас играв во Ниш, кога игравме со Партизан, Црвена Звезда, Војводина… тоа беше полна сала. Единствено ние се уште немаме навика за следење одбојка. Во Романија верувале или не исто така. Секогаш полна сала навивање, а бев дел од тим кој беше на последно место на табелата. Едноставно луѓето во тие земји имаат навика да одат на спортски натпревари и да го поддржуваат својот омилен тим. Имав соиграч Петар Наги во тимот кој еднаш влезе во конфликт со еден навивач. Повозрасен човек му дофрлаше цел натпревар, по што тој го прекина натпреварот и реши да се пресмета со навивачот. Во Будва кога играв во Црна Гора тимот имаше пари, но интересно е што навивачите ги плаќаа да доаѓаат на натпревари. Имаше атмосфера со факели навивачите, по меч фрлавме поклони во публика. Беше интересно.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести