21 C
Skopje
Monday, May 17, 2021

Единствена константа во политиките на Заев се неговите чести промени на ставовите

Најчитани вести

Бранко Геровски


Некако, веќе се навикнавме на честите промени на ставовите на другарот Зоран Заев. Во принцип, јас за тоа не му замерувам. Барем не премногу. Го запознав како опозиционер и уште тогаш сфатив дека наспроти неговата често изговарана крилатица „зборот си е збор“, Заев сепак не е политичар со формат да разбере што сакал Черчил да каже кога рекол дека ставот е мала работа што прави голема разлика. Едноставно, на лидерот на СДСМ не му е непријатно да ги менува ставовите, ако тоа му овозможува политички опстанок и придобивки.

Велам, можам да најдам разбирање за таа негова незгодна навика. Во крајна линија, ние луѓето не сме магариња, па да не ги менуваме ставовите. Се менуваат околностите, се случуваат драматични промени во животот, бесмислено е човек упорно да се обидува да урне ѕид со глава. Понекогаш е доблест да се признае и слабост и грешка, да се тргне во друга насока.

А тоа на Заев во овие три години на власт му се случуваше често. Пречесто…

Се сеќавате на преговорите со Грција и на Преспанскиот договор. Во неговата карактеристична поза „зборот си е збор“ – невин поглед и раширена дланка положена врз срцето – Заев ветуваше дека нема да се менува уставното име, дека преговара само за име за надворешна употреба. Па уште оние мелодрамски реплики – додека сум жив, додека дишам… И на крајот, излезе дека нуждата сепак го менува законот. Во крајно неповолни околности, Заев го промени ставот, прифати ново име и за домашна употреба и потпиша.

И јас, да бидам искрен, отфрлав компромис што би значел ново службено име за внатрешна употреба. Ама кога работата дојде „да се биде или не“, кога требаше на кантар да се извагаат ризиците и придобивките, јавно застанав на страна на Заев. И тогаш тврдев, а и денес сум убеден, дека дури и тие што најбрутално ја критикуваа таа промена, денес не го обвинуваат премиерот за таа жртва. Поточно, многу повеќе го обвинуваат за други лаги и недоследности, одошто за тој пресврт.

Би се осмелил истото да го кажам и за ситуацијата после неславната „битка за датумот“. Знам, на Заев денес му е тешко да ги поднесе соочувањата со сите лажни ветувања што ги добил од европските политичари и бирократи и што ни ги пренесуваше често како сопствени, како сопствена оптимистичка визија или дури и како некаква „одработена“ гаранција. Ние знаеме (ни беше најавено дури, од министерот Димитров) дека добиениот датум Заев ќе го злоупотребеше како главно оружје за итна пресметка со сите свои политички неистомисленици, во еден блиц-криг што беше испланиран за декември годинава. Па сепак, нема дилеми дека за фијаското на самитот на ЕУ, луѓето во Македонија најмногу ги обвинуваат Макрон, лицемерните европски лидери и до извесен степен пропагандата на Заев, поради ширењето неоснован оптимизам.

Еве, го прифаќам и алибито на Заев за напуштањето на политиката на прогресивен данок, објаснувањето дека на тој концепт, едноставно, не му е дојдено времето. Грдо е тоа што лидерот на СДСМ мораше да жртвува битен постулат на идеологијата на својата партија, без за тоа да ги праша Конгресот или барем Централниот одбор. Уште погрдо е што мораше да жртвува еден вреден човек (Тевдовски), злоупотребен за промоцијата на политиката што му донесе многу поени од популистички заблудената маса, која поверува дека владата на СДСМ ќе води „робинхудовска“ даночна политика. Но, што да се прави, многу често домашниот есап не излегува на пазар. Се сеќавам, тогаш кога помпезно беше најавено напуштањето на рамниот данок, се обидов јавно да објаснам зошто токму рамниот данок (евентуално зголемен за процент или два, ако веќе е толку важно да се дополни државната каса) повеќе собира пари од богатите отколку од сиромашните.

Нејсе, тоа е тоа. Сега знаеме дека единствената константа во политиките и во јавните настапи на Зоран Заев е дека тој постојано ги менува ставовите. И тоа го прави без чувство на вина. Реков веќе, само по себе тоа не е трагично. Но, погледнете го списокот на промени во ставовите на Заев што го посочив, а тој список може сериозно да се дополни. Не зборуваме за политичка козметика, туку за клучните политички проекти и потези на владата на СДСМ во овие три години.

Ајде, сепак да не бидеме злобни. Да го прифатиме сето ова како сет на спасоносни маневри на еден сплавар, чиј сплав принудно плива во силната матица на разулавена река што беснее во кањонот, да ја разбереме оваа непостојаност како обид за голо преживување, не само негово, туку и наше. Оти сите сме на сплавот. Сепак, наспроти сѐ, Заев мора да посвети должно внимание и на претставата што ја создаде во јавноста за себе. Макар таа била и лажна. Како што вели еден од најголемите американски автори Курт Вонегат, „ние сме тие што се преправаме дека сме, па затоа мораме да бидеме внимателни во што се преправаме“.

Заев се преправа во искрен човек, чиј збор алтан вреди. Е џанам ако е така, тогаш мора да додржи на зборот барем тогаш кога нема сериозно оправдување да лаже и да манипулира. Како што тоа го прави сега, со постојаните закани дека е можно да дојде до одлагање на вонредните парламентарни избори, за кои на лидерска средба кај претседателот Пендаровски падна договор дека ќе се случат на 12 април 2020 година. Патем речено, јас сум еден од ретките што ја критикуваа намерата да се свикаат предвремени избори. Но, кога веќе клучните политички првенци здушно застанаа зад таа идеја и постигнаа и формален договор за датумот на изборите, планот да се одложат изборите навистина е чиста перверзија.

Аргументот во прилог на таа идеја е повеќе од смешен – што ако нашиот парламент се распуштел, пред Шпанија да ја завршела ратификацијата на протоколот за прием на Македонија во НАТО, кој во Македонија ќе го ратификувал протоколот? Па ве молам, зарем и тоа треба да се објаснува? Мандатот на пратениците од овој состав на парламентот завршува тогаш кога ќе се изберат нови пратеници. Политичките партии застапени во парламентот уште денеска можат да постигнат договор овој пратенички состав да одржи вонредна седница за ратификација на протоколот за НАТО и во периодот кога парламентот ќе биде распуштен. Легитимна политичка одлука, што никој нема да може да ја оспори. Ама баш никој!

Ако е, или дури и само се преправа дека е човек од збор и договор, Заев не смее вака да откажува и олку евтино да манипулира. Со тоа само ги покажува сопствените слабости, а можеби и слабостите на својата партија во пресрет на претстојните избори. Вака или онака, лидерот на СДСМ мора да се помири со фактот дека на 3 јануари 2020 година, Македонија ќе има нов премиер. Технички. И тој да биде човек од збор, да се надеваме…

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести