17.8 C
Skopje
Sunday, June 13, 2021

Европратеникот Тонино Пицула: Макрон постапи како француски политичар, а не како европски државник

Најчитани вести

На состанокот на Советот за општи работи на Европската унија во Брисел се очекува дебата на темата проширување, но не и конкретни одлуки. Европратеникот од Хрватска, Тонино Пицула, верува дека неправдата кон Северна Македонија и кон Албанија наскоро ќе биде исправена. Погледнете го краткото интервју на „360 Степени“ со Пицула кој е член на влијателниот Комитет за надворешна политика на Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи на Хрватска.

Г-дине Пицула, мислите ли дека може нешто да се промени во блиска иднина во однос на проширувањето и доделувањето датум за преговори на Скопје и на Тирана? 

Се надевам и мислам дека може. Неодамнешното избегнување одлука за почеток на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, на некој начин, за повеќе набљудувачи, претставува своевиден шок и ми се чини дека таквата одлука веќе почна да дава одредени политички ефекти. Без оглед на природата на одбивање, пред се на францускиот претседател Макрон, мислам дека големото мнозинство политичари и луѓе кои во Европскиот парламент ги застапуваат своите земји, се уверени дека таа одлука беше погрешна и дека треба да се исправи што е можно побрзо.

Во случајот со С. Македонија главен противник беше Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон. На што се должи неговата одлука за толку цврст став наспроти останатите земји-членки? Дали е тоа поради реална потреба од реформа на пристапувањето, или заради внатрешната ситуација во Франција?

Не би рекол дека причина за одбивањето на стартот на преговори со С. Македонија и Албанија од страна на Макрон е изостанувањето реформи во овие две земји. Мене ми се чини дека Макрон, во своето образложение, не ни користеше аргумент дека нема реформи во Северна Македонија и Албанија. Сметам дека причината за неговиот чекор, во значаен дел, се должи на внатрешнополитичката ситуација во Франција. За жал, позната е статистиката дека околу 60 проценти од граѓаните на Франција не се за натамошно проширување. Сметам дека во оваа ситуација францускиот претседател постапи, пред се, како француски политичар, а не како европски државник. На некој начин, Макрон, со овој негов став, се најде во контрапозиција на сето она што тој го изнесе во познатиот говор во Сорбона, во кој се заложи за една поинтегрирана ЕУ која, според зборовите на новата претседателка на ЕК Урсула Ван Дер Лајен, треба да биде геополитичка комисија. Како ЕУ ќе биде геополитички фактор, како ќе биде уверлива на меѓународната сцена, ако не е кадарна да ги решава проблемите во своето непосредно соседство. Мислам дека тоа е во интерес и на Република Франција уште повеќе што и претседателот Макрон сака да игра голема улога во европската политика и по Брегзит и по заминувањето на германската канцелрка Меркел. Секако, за таа амбиција да ја потврди, Макрон мора да влече потези што ќе бидат во полза на Европската унија, како што ние сакаме да видиме во 21 век, а не само чекори од полза на неговата земја Франција.

Конкретно, за Северна Македонија се бараше да се испорача не само во делот на реформите, туку и затворање на други тешки прашања, како она со Грција, договорот за добрососедство со Бугарија. Но, сега европската перспектива како да се повлекува што пак доведува до разочараност кај граѓаните дека во догледна иднина е можно зачленување во ЕУ?

И овој разговор со вас го користам како можност да потсетам колку храбро, и тоа во неколку наврати, постапи владата на г-дин Заев кога на проблемите им гледаше в очи. Промената на името не е проблем од типот на адаптирање на даночниот систем или реформа на образованието туку е едно од клучните прашања кои го тангираат не само рационалното туку и емотивното. Но, македонската влада, секако, поддржана и од пратениците во Собранието, но и од значителен број граѓани, успеа тој проблем да го реши во партнерство со грчката влада. Споменавте дека и со договорот со Бугарија, Македонија успеа да отстрани низа проблеми што ги оптоваруваа меѓусебните односи – зборуваме за проблеми со две земји-членки на ЕУ. Не знам што може да биде подобар придонес на една земја кон регионалната стабилност и соработка. За жал, ЕУ не одговори на оној начин на кој ние во Европскиот парламент би сакале, но за жал, ова не е единствен случај. Тој тип на криза се почувствува кога и Косово се соочи со сет дополнителни барања за на граѓаните на Косово да им се дозволи безвизен режим во ЕУ. Косово, меѓу другото, требаше да го ратификува и договорот со Црна Гора за демаркација на границата. Косово тоа го стори, нешто што беше исклучително сложена политичка операција за косовските власти, но визите не се укинаа. Повторувам, за жал, ова претставува негативен континуитет на еден дел од институциите на ЕУ со кој би требало да се потврди европската веродостојност. Се надевам дека таа политика ќе прекине.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести