1.8 C
Skopje
Saturday, February 4, 2023

Европа старее, 20 проценти од населението е над 65 години

Најчитани вести

Европскиот парламент усвои извештај за стареењето на Европа, во кој повикува Комисијата да започне пилот-проекти за квалитетна грижа за стари лица и да ги поддржи земјите-членки во спроведувањето на политиките за грижа за старите лица.

Во извештајот „Стареење на стариот континент – можности и предизвици поврзани со политиката на стареење по 2020 година“, усвоен од Европскиот парламент со 479 гласа „за“, 103 „против“ и 113 воздржани, се наведува дека вреднувањето на старите лица и борбата против дискриминација кон е нив е можна само преку политики кои се темелат на меѓугенерациска солидарност.

Исто така, се повикува на попозитивна перцепција на староста, поправични пензии и мерки за решавање на разликите во пензиите на мажите и жените.

Европскиот парламент ја повика Комисијата да ги поддржи земјите-членки и нивните региони во спроведувањето на здрави политики за стареење.

Земјите-членки треба да се охрабрат подобро да ги користат средствата на Европската Унија, како што се Европскиот социјален фонд плус и Европскиот фонд за регионален развој, за прилагодување на инфраструктурата и јавните простори според потребите на постарите луѓе, велат европратениците.

Ваквите мерки вклучуваат отворање дневни центри во близина на училишта и градинки за да помогнат во градењето врски меѓу генерациите и да се спречи осаменоста.

Независниот европратеник Адам Коса даде пример за тоа како постарите луѓе можат да и помогнат на следната генерација да воспитува деца. “Во мојата земја, Унгарија, бабите и дедовците кои сè уште работат и добиваат внуци добиваат дополнителни пет дена одмор за секое внуче. Исто така е можно бабите и дедовците да останат дома со новороденче”, рече тој, сугерирајќи дека вакви права треба да воведуваат и други земји.

На 27 јануари, Европската комисија презентираше „Зелена книга“ со која започна широка дебата за прашањето на стареењето. Таму е опишано влијанието на овој демографски тренд и се повикува јавноста да ги искаже своите ставови за тоа како да одговори на овој тренд.

Во напишаното е наведено дека во текот на последните 50 години, очекуваниот животен век е зголемен за приближно 10 години.

Денес, 20 проценти од населението е над 65 години, се предвидува дека до 2070 година, 30 проценти од населението ќе бидат во таа возрасна група, а учеството на граѓаните над 80 години до 2070 година се очекува да достигне 13 проценти, забележуваат познавачите на оваа состојба.

„Стареењето не е проблем само за постарите луѓе, туку влијае на сите нас и ние мора да ги балансираме нашите политики за сите граѓани и да гарантираме дека нема да оставиме никого настрана“, посочуват тие.

Бројот на луѓе на кои можеби ќе им треба долготрајна нега може да се зголеми од 19,5 милиони во 2016 година на 23,6 милиони во 2030 година и 30,5 милиони во 2050 година, според официјалната веб-страница на Европската Унија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести