23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Европа на работ на катастрофа со вакцинирањето

Најчитани вести

Блумберг

Тешко е да се следи без да си изненаден слабиот почеток на кампањата за вакцинирање против Ковид-19 во Европската унија. Досега, според податоците на Блумберг, ЕУ успеа да администрира вкупно околу 8,9 милиони дози, или две дози на 100 жители. САД и Велика Британија досега вакцинираа седум, односно 10,5 лица на 100 жители, а Израел моментално е на 43 од 100 граѓани. Бидејќи за сите одобрени вакцини досега се потребни две дози за да бидат ефекасни, Европската унија се соочува со многу стрмна планина која треба да ја искачи за да биде на вистинскиот пат.

За жал, ниту иднината не изгледа многу подобро. ЕУ имаше намера до крајот на летото целосно да вакцинира најмалку 70 проценти од населението во сите земји-членки, но таа цел можеби нема да биде остварлива. Европа одобри две вакцини, едната на Фајзер/БиоНТек и другата на Модерна, но нивната дистрибуција е недоволна. Европската агенција за лекови оваа недела ќе ја разгледа вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд, но британската фармацевтска компанија соопшти дека може да ги намали своите пратки во Европската унија за речиси 60 проценти во првиот квартал. Француската вакцина Санофи нема да биде готова до крајот на 2021 година поради неуспех во испитувањата, посочува Блумберг

Последиците можат да бидат катастрофални

Последиците од овој неуспех можат да бидат катастрофални ако не се решат брзо. ЕУ досега има околу 426.000 смртни случаи од Ковид-19, според Европскиот центар за контрола и превенција на болести. Колку подолго е потребно пандемијата да биде ставена под контрола, толку повеќе животи ќе бидат изгубени. Репутацијата на Европската унија е доведена во прашање. Како може да се гордее со својот „социјален модел“ ако не може да ги заштити ниту своите најранливи граѓани?

Успешната вакцинација е исто така единствениот одржлив начин да се помогне во закрепнувањето на економијата. Комбинацијата на длабока несигурност, „локдаун“ и други мерки за одржување физичко растојание придонесе за пад на бруто домашниот производ од 7,6 проценти во Европа во текот на 2020 година, според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд во октомври.

Бавно воведување на вакцини

Неуспехот на Европската унија започна со преднарачките за вакцини. Иако постоеше сеопфатно портфолио дури и пред одобрувањето на вакцините, ЕУ беше бавна и конзервативна во пристапот кон најперспективниот развој, вакцините засновани врз иновативната технологија на информациона РНК (или mRNA) технологија на Фајзер/БиоНТек и Модерна. Европската агенција за лекови заостана зад САД и Велика Британија во одобрувањето на вакцината на Фајзер. Доцнењето во издавањето дозвола за вакцината на АстраЗенека е разбирливо, со оглед на проблемите во испитувањата (АстраЗенека сè уште не побара одобрување од регулаторот во САД).

А, воведувањето вакцини во Европа се одвива бавно, особено во Франција и Белгија. И прашање е дали членките на ЕУ правилно одлучиле кој ќе ги добие првите дози. Во Италија, само една од десет дози стигна до жителите на домови за стари лица и изнемоштени лица, а четвртина од сите вакцини беа дадени на здравствени работници кои не се ниту лекари ниту медицински сестри. Разумно е да се заштити болничкиот персонал, но оваа дистрибуција не изгледа правилно. Дополнителен проблем е расфрлањето на дозите.

ЕУ против фармацевтските компании

Па, што може да се направи? ЕУ се сврте против фармацевтските компании. Во понеделникот се одржа состанок со раководството на АстраЗенека, од кое беше побарано целосно објаснување на доцнењето и се бара исполнување на ветувањата за испорака. AстраЗенека обвинува еден од своите производствени капацитети во Европа за проблемите, но Европската комисија стравува дека компанијата им дала предност на другите земји.

„Членките на ЕУ се единствени. Производителите на вакцини имаат социјални и договорни одговорности што мора да ги почитуваат”, напиша на Твитер Стела Киријакидес, еврокомесарка за здравје и безбедност на храна.

Европските влади имаат целосно право да бараат извршување на договори. Конечно, тие платија огромни износи однапред, очекувајќи навремени испораки. Сепак, тие мора да бидат сигурни дека се во право во такви ситуации. Договорите со фармацевтските компании се тајни, но можно е тие да им нудат на производителите на лекови некои клаузули за избегнување на одговорност во случај на проблеми со снабдувањето. Покрај тоа, Брисел мора да биде внимателен во разликувањето помеѓу опортунистичко однесување и проблемите што можат разумно да се очекуваат при забрзано воведување на нова вакцина.

Бесот на националните влади во врска со намалувањето на испораките на Фајзер

Би било опасно политичарите да ги прикажат производителите на вакцини како жртвени јарци за да ги прикријат сопствените недостатоци. Овој вид на однесување се случи дури и пред пандемијата, кога вината за ширењето на Ковид-19 беше ставена на сите други, од граѓани кои се забавуваа до странски посетители, но не и врз лошата политика. Минатата недела неколку национални влади во земјите на ЕУ беа бесни на „Фајзер“, кој најави дека привремено ќе ја намали испораката на дозите за да го реорганизира производството во нејзината белгиска фабрика. Се покажа дека Фајзер ќе го надополни дефицитот подоцна овој квартал, пишува Блумберг.

Постојат значителни ризици од политички настапи кои немаат основа во реалноста. Прифатливо е да се изврши притисок врз производителите на вакцини, но не и да се наруши клучниот однос во ситуација кога многу други земји се подготвени да ги купат нивните инјекции. Тесната соработка на Фајзер и Израел ја доведе оваа земја до чудесни резултати во примената на вакцината. Тоа нуди лекции. Европската унија мора да биде подготвена да работи поблиску со добавувачите, на пример, нудејќи им финансиска помош на оние добавувачи кои ќе одлучат да ги пренаменат своите постројки со цел да го прошират производството. Иако повеќе пари нема да ги решат тесните грла, сепак може да помогне.

Не е доцна да се решат досегашните недостатоци, но политичарите во ЕУ мора да дејствуваат брзо. Потрагата по нормалност е трка во која мора да се победи, од јавноздравствени и економски причини. Оние кои ќе стигнат на целта втори, ќе страдаат од последиците уште долго, заклучува Блумберг.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести