По екстремно високите температури, Европа се соочува со сериозни поплави. Во Словенија и натаму e во тек операцијата за санирање на штети. Две третини од државата се под вода, многу луѓе останаа без домовите, а шест лица загинаа.14-ти август е прогласен за Ден на солидарноста. Граѓаните добиваат слободен ден за да помогнат во санирањето на последиците. Во посета на погодените подрачја и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен.
„Ситуацијата се смирува. Реката се враќа во своето корито. Има уште неколку поплавени куќи. Војската е веќе тука. Навистина сме благодарни. Ја искористивме тешката механизација што ја имаме“, изјави Ромина Лешјак, градоначалник.
Опасност од свлечиште и во неколку градови во Австрија. Во изминатите неколку дена, противпожарните бригади, полицијата, спасувачките служби на планините извршија над 3.500 операции за спасување.
„Во моментов главниот проблем е во лизгање на земјиштето и непроодните патишта. Мораме да ја активираме механизацијата за да го расчистиме теренот“, изјави Стефан Салцман, градоначалник.
И шведската метеоролошка служба издаде црвено предупредувања за изобилни врнежи од дожд. На места е забранета водата за пиење.
„Како што можете да видите зад мене, има многу вода. Би рекол дека во средината на дворот, сега е длабоко околу 70 до 80 сантиметри“, изјави Роџер Теландер од Аукциска куќа во Гетеборг.
Слична е состојбата и во Норвешка. Десетици домаќинства се евакуирани од населени места каде постои опасност од излевање на реките. Пријавени се и неколку свлечишта.
„Целата куќа веројатно нема да заврши во реката, веројатно ќе биде само половина. Добивме порака од општината да го напуштиме домот. Живеам речиси 20 години тука, но никогаш не сум ја видел реката олку голема“, изјави жител на Норвешка.
И во светот не стивнува опасноста од изобилни дождови и силен ветер. Неколку сојузни држави во САД се под удар на невреме, има жртви. Во Кина пак, над 30 загинати и десетици исчезнати по бурата што го зафати Пекинг. Поради тајфуни евакуации и во Јужна Кореја и во Јапонија.