Цврста определба на Европската Унија за проширување кон Западниот Балкан ќе ги обесхрабри и случаите на злоупотреба на правото на вето во билатералните спорови помеѓу земјите. Потребна поголема внатрешна кохезија на ЕУ, која во моментот не ја гледаме, вели за „Слободен печат“ универзитетскиот професор Васко Наумовски
Последниот вонреден Самит на ЕУ, што се одржа минатата недела во Брисел, не донесе ништо ново за земјите од Западен Балкан, иако имаше некакви навестувања дека и овој дел од Европа би можел да добие барем нешто, по зеленото светло за Украина, Молдавија и за Грузија да пристапат кон Унијата. Но, тоа нешто повторно се сведе на ништо.
Единственото што стигна од Брисел е признанието на германскиот канцелар Олаф Шолц дека ЕУ не го исполнила ветувањето дадено пред 20 години во Солун за брз влез во Унијата на земјите од Западен Балкан. Како се случи пред две децении да се вети дека овие земји треба да станат членки на Унијата најдоцна до 2008 година, а сега да се проценува дека 2030 е премногу рано да бидат примени во заедницата?
Шолц при пристигнувањето на самитот во Брисел порача дека Унијата треба да ја одреди брзината со која земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија ќе се приближуваат кон Унијата. Според него, интеграцијата на овие земји во ЕУ треба да биде успешна, но тоа имплицира дека тие ги исполнуваат критериумите – владеење на правото, демократските капацитети и економските услови. ЕУ, како што рече, им даде перспектива на сите овие земји и сега треба да го одреди патот на приближување.
– Ова се однесува на сите земји и сите земји прават напори. Пред 20 години во Солун ЕУ им вети на земјите од Западен Балкан и сите мислеа дека овие земји ќе бидат членки во период од две до осум години. Но, 20 години подоцна тоа не се случи. Не смееме да дозволиме историјата да се повтори. Сега треба да бидеме многу јасни за брзината на интеграцијата и да ги разјасниме нашите лични одлуки меѓу себе – рече Шолц.
Германска посветеност
Македонските експерти во оваа изјава на Шолц гледаат навестување за поголема посветеност на Германија во забрзувањето на целиот евроинтегративен процес. А добивката би била двојна.
Универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски потсетува дека Германија во минатото беше најголем поддржувач на проширувањето на ЕУ со државите од Централна и од Источна Европа, и сѐ уште би можела да ја одигра таа улога, доколку се усогласат приоритетите со останатите држави, пред сѐ со Франција.
– Цврста определба за проширување кон Западниот Балкан ќе ги обесхрабри и случаите на злоупотреба на правото на вето во билатералните спорови – вели Наумовски во изјава за „Слободен печат“, но додава дека е потребна поголема внатрешна кохезија на ЕУ, која во моментот не ја гледаме.
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, не е спорно дека ЕУ потфрли на Западен Балканот, и дека сите лидери, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, го признаваат и сите го знаат тоа.
– Кога еден Шолц и еден Макрон се вклучуваат во процесите на Балканот, дури и во решавање проблеми, тоа е гаранција дека ЕУ ќе биде повклучена во целиот процес. Да не забораваме дека не беше само за Македонија, француско-германски предлог има и за Косово и Србија – вели Муслиу.
Според него, токму германскиот канцелар и францускиот претседател се столбовите на целиот европски процес. Муслиу не се согласува дека изјавата што ја даде Шолц е негова лична проценка, туку со неа навестува поголема посветеност на Германија во забрзување на процесот на проширување.
Фон дер Лајен: Европа ве чека
И ако изјавата на Шолц се гледа како најава за поголема посветеност од ЕУ, од истото место од кое што тој говореше се јави и бугарскиот претседател Румен Радев со категоричен став дека Бугарија е во состојба на вето за членството на Македонија во Европската Унија, бидејќи Бугарите сè уште не се вклучени во македонскиот Устав. Тој уште најави дека, иако не е тема на дневниот ред, тој задолжително пред Советот на ЕУ ќе го покрене прашањето за „зголемената агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Северна Македонија“ затоа што во прашање биле принципите на ЕУ врз кои се заснова сечие членство.
А не така одамна, во јули лани, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во македонското Собрание порача дека се за поздравување напорите на земјава за унапредување на човековите права, потестувајќи на „смелоста и решителноста со Договорот од Преспа” кој го отвори патот за членството во НАТО.
– Сакав да бидам денес овде за да се обратам директно, за од мене да слушнете дека Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште еден чекор кон нашата Унија. Вашата држава е на пат да стане членка на ЕУ – рече тогаш Фон дер Лајен.
Шест месец подоцна во земјава драстично е зголемен евроскептицизмот, односно падна поддршката за ЕУ, а мнозинството граѓани сметаат дека Македонија оди во погрешен правец.
Поголем евроскептицизам, помала мотивација за реформи
Според професорот Наумовски, недоследноста на ЕУ е меѓу основните причини за нарушувањето на нејзиниот кредибилитет на Балканот, а тоа води до намалување на поддршката за членство во Унијата меѓу граѓаните на државите од регионот.
– Различните стандарди, поставувањето услови надвор од Копенхашките критериуми, како и негативното влијание на билатералните спорови, практично го потиснаа евроентузијазмот, без изгледи таа состојба да се промени во догледно време – вели Наумовски.
Неговата оценка е дека балканските политичари најчесто го следат јавното мислење, кадешто се засилува евроскептицизмот, со што кај нив се намалува и мотивацијата за реформи насочени кон европеизација на општествата.
– Иако ниту еден лидер на држава членка на ЕУ или европска институција не е во позиција да прогнозира кога ќе се случи следниот круг на проширување и кои држави ќе влезат во него, поставувањето реално остварлива рамка има потенцијал да воспостави систем на мерливост на реформските резултати и напредок во преговорите, што би бил заснован на тие резултати – објаснува Наумовски.
Тој смета дека балканските држави не би требало да бараат некој да им прогледа низ прсти во овој процес, но и ЕУ треба недвосмислено да ги почитува критериумите за проширување кои самата ги има предвидено.
И додека експертите ја повикуваат ЕУ да се држи до нејзините прокламирани принципи, хрватскиот европратеник Тонино Пицула во интервју за „Слободен печат“ изјави дека Бугарија ја користи својата позиција на држава членка за да врши и формални и неформални притисоци врз Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. По формалното отстранувањето на ветото сега, според него, на ред се очигледно други постапки, но со иста цел.
Како нова злоупотреба на членството во ЕУ се толкува и најавата од Радев дека Бугарија ќе бара Унијата да воведе мониторинг врз Македонија за правата на Бугарите. Активност која што е во доменот на Советот на Европа, но која што, доколку се префрли во Унијата, би ја користеле како средство за притисок, повторно злоупотребувајќи го своето столче во Брисел.
И така, Македонија и земјите од Западен Балкан ќе продолжат да тонат во овој процеп помеѓу теоријата на која се базира Европската Унија – критериуми, принципи, т.н. европски вредности – и практиката што ја демонстрира на терен. Се додека Европејците, како што рече Шолц, конечно не се изјаснат за брзината на интеграцијата на овие земји и не ги разјаснат нивните лични меѓусебни одлуки.