Струга ТЛ утре од 17 часот на стадионот на тренинг-центарот на ФФМ во Скопје го продолжува својот европски пат, со дуелот против луксембуршки Есперанж во првиот меч од 3.квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига.
Стратегот на стружани, Шпетим Дуро верува дека тимот ќе одигра на највисоко ниво затоа што секој поединец носи огромна мотивација пред пресметката.
„Ова е натпревар кој го чекаме со големо нетрпение. Знаеме дека пред нас е историска шанса да дојдеме до плејофот и затоа секој во тимот носи огромен мотив за надигрување и успек. Всушност секој натпревар за нас во Европа е голем предизвик. Така ќе биде и утре посакувајќи позитивен резултат пред реваншот“ – истакна Дуро на денешната прес-конференција во Скопје.
Што се однесува до противникот, јасно е дека воопшто не смее да се потцени.
„Тоа е квалитетен тим кој не смее да се потцени. Шампиони се на Луксембург и сето тоа доволно зборува. Тргнуваме двете екипи со израмнети шанси, но јасно е дека наша цел ќе биде победа на домашен терен. Радески е во одлична форма и сигурно сакаме да го искористиме тоа. Нема што многу да менуваме во формацијата затоа што досега победувавме на тој начин. Секако дека крајна наша цел е да дојдеме до групната фаза во Конференциската лига. Ќе се обидеме иако знаеме дека ќе биде тешко“ – вели Дуро.