ДУИ бара доработка на Резолуцијата и внимателност да не се наштети на стратешката цел за членство во ЕУ.
Иако СДСМ најавија дека ќе ја прифатат Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за Бугарија таква каква што е, за нивниот коалициски партнер ДУИ не е прифатлива во сегашната форма. ДУИ смета дека националниот идентитет и јазик не се предмет за дискусија и партиско пазарење.
На денешната средба со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, „интегративците“ укажале дека потребна е преформулација и усогласување на текстот на резолуцијата без да конкретизираат што за нив е спорно.
Алијанса за Албанците и Алтернатива дополнително ќе се произнесат за резолуцијата, откако за неа ќе дискутираат партиските тела. Од Алијанса за Албанците бараат владејачките СДСМ и ДУИ да го усогласат ставот за резолуцијата.
Освен со Алијанса, Алтернатива и ДУИ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во потрага по конзенсуз за нацрт-резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во спорот со Бугарија денеска се сретнаа и со Левица и БЕСА. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски вели добро е што има расположение за разговор. Ќе чекаат повратни одговори по партиските консултации за усогласување на текстот.
Средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за резолуцијата допрва ќе се договара. За најголемата опозициска партија нема никаква пречка таа да биде изгласана во формата во која е предложена…