За две недели треба да биде готова првичната верзија на новиот Закон за легализација на дивоградби. Од Транспорт и врски убедуваат дека при пишувањето на законот ќе се слушне гласот на сите засегнати страни. Нема да може да се легализира во заштитените подрачја, вели министерот Бочварски, а ќе се спречат и злоупотребите.
Градоначалниците ги предупредуваат граѓаните дека не може да градат кај ќе им текне бидејќи нема да се легализираат објекти кои не можат да се вклопат во деталните урбанистички планови.
Сепак, министерот за транспорт и врски, Бочварски е без прецизен одговор дали во новото законско решение ќе има место за деловните објекти што се граделе без соодветни градежни одобренија.
Закон за легализација на дивоградби беше донесен пред еден месец, а потоа повлечен од Собранието откако Претседателот Пендаровски одби да го потпише. Како компензација од власта предложија за 5 години да се продолжи на важноста на стариот Закон за легализација, со што би им било овозможено на сите кои започнале постапка, да ги легализираат своите објекти.